Еден морнар загина, 27 се исчезнати, а 396 спасени е билансот од потонувањето на ракетниот крстосувач „Москва“ на 13 април, соопшти Министерството за одбрана на Русија.



„Среде напорите за санирање на оштетувањето на бродот, еден војник загина, а други 27 членови на екипажот се водат за исчезнати. Останатите 396 членови на екипажот беа евакуирани од крстосувачот до бродовите на Црноморската флота во областа и однесени во Севастопол“, соопшти Министерството.

Руската војска претходно објави дека бродот „Москва“ потонал додека бил влечен до пристаништето поради лошите услови на морето. Министерството за одбрана соопшти дека трупот на воениот брод бил оштетен од експлозија на муниција која била предизвикана од пожар на бродот.

Пред ваквите тврдења на руската армија, Киев објави дека бродот бил погоден од украински противбродски проектили. Шефот на воената администрација на регионот Одеса, Максим Марченко, тврди дека „многу сериозна штета“ на Москва била предизвикана од украинските проектили „Нептун“ истрелани од Одеса.