Јотова најави нова блокада од Софија на јунскиот самит

Бугарската потпретседателка Илијана Јотова вели дека во моментов не гледа причини Софија да ја отстрани блокадата за преговарачкиот процес на земјава. Јотова, во интервју за бугарска телевизија рече дека за неа било клучно да има резултати од работата на Мешовитата историска комисија, односно промена во македонските учебници.



„Бугарија има четири, пет услови кон Република Северна Македонија, кои се поставени многу одамна, уште од моментот во 2019 година кога стана јасно дека после потпишувањето на Договорот за добрососедство ништо не мрднало. После осумнаесет седници на Мешовитата историска комисија ниту еден ред не е сменет во текстовите во училиштата во Република Северна Македонија“, вели Јотова.

Од друга страна, во вчерашното гостување на претседателот Стево Пендаровски на Алсат, тој побара примери за тврдењата на бугарските политичари дека Договорот не се запазува.

„Госпоѓата е многу длабоко во криво, во грешка некоја. Треба да посочат на конкретни грешки од наша страна или недоследности во однос на имплементацијата на тој Договор“, рече Пендаровски.