„Одлуката на САД да ја одложат испораката на воените авиони „Ф-16“ на Бугарија говори за тоа дека Вашингтон во голема мера ја загубил довербата во бугарските власти.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Бугарија полека и сигурно ја губи довербата од светот“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Експлицитни гестови на недоверба од САД и од ЕУ кон власта во Софија“
Таневски пишува: „Падот на довербата во бугарската влада од страна на администрацијата на САД е колосален. Вашингтон не е подготвен да прифати толкав ризик и да ѝ верува на Бугарија, и тоа по повеќе основи. Ова е сериозен сигнал дека нешто не е во ред со Бугарија, која, освен од САД, ја губи довербата и од Европската Унија, која веќе е уморна од празните ветувања на Софија дека ќе се справи со предизвиците како земја-членка.“
„Станува збор за повеќеслојна недоверба со која се соочува источниот сосед. Во Бугарија продолжува да царува корупцијата, која е длабоко вкоренета во секоја пора од општественото живеење, особено во судството. САД уште минатата година предупредија дека корупцијата во Бугарија е масовно распространета.“
„Бугарија ја загуби довербата од САД и од ЕУ и поради отвореното русофилство, кое бугарската политичка елита отворено го истакнува. Бугарскиот претседател Румен Радев кажа дека го смета Крим за составен дел на Русија. Бугарите низ вековите биле на погрешната страна на историјата, приклонувајќи се ваму или таму, со што никогаш не оставиле впечаток дека може да им се верува.“
„Симпатиите кон фашизмот сè уште се присутни во Бугарија“
„Врз губењето на довербата и кредибилитетот влијаеше и отворената поддршка што бугарската држава ја дава кон фашизмот. Бугарски политичари присуствуваа на отворањето на бугарски културен клуб во Македонија, именуван според отворен соработник на фашистичка Германија. Бугарија повторно пропагира и издигнува на пиедестал осудени ликови од фашистичкото минато, наместо да се огради од сопственото фашистичко минато и да се извини за сите оние што настрадале од нејзините погрешни политики за време на Втората светска војна. Нови генерации бугарски граѓани секоја година му оддаваат почит на контроверзниот генерал Христо Луков, близок до фашистичка Германија. Бугарија не сака да се одвои од фашистичката кауза, туку ја пропагира како национална политика на издигнување на бугарштината.“
„Бугарија ја загуби довербата како кредибилен партнер и од аспект на меѓународното право, бидејќи со ветото за Македонија го оспорува правото на самоидентификација на еден народ, негирајќи ги неговиот идентитет, јазик, историја и култура. Станува збор и за геноцидна политика кон еден соседен народ во 21 век. ‘Македонија треба да бара нов пристап на патот кон ЕУ, со своја стратегија што ќе ги брани нашите национални интереси.’ – вели Малинка Ристевска-Јорданова, членка на Управниот одбор на Институтот за европска политика.“
Интернет-врска до целата анализа:





