Никола Груевски е осуден на вкупна казна затвор од 7 години и да плати 3.500 евра во случајот „Плацови на Водно“.
Јордан Камчев за перење пари е осуден на 1 година затвор во која му се засметува времето поминато во притвор. Ненад Јосифовиќ за перење пари доби условна осуда од казна затвор 2 години.
Ристо Новачевски за перење пари е осуден условно на 2 години во кое му се засметува времето поминато во притвор. Сашо Мијалков за перење пари е осуден на 1 година и три месеци, во која му се засметува времето поминато во притвор.
– Ниту еден од нив не направил за себе корист, туку помогнал Никола Груевски да се прибави со лична корист што им се зема како олеснителна околност – рече судијата Илија Трпков при изрекувањето на пресудата.
Судијата го окарактеризира делото како криминалитет на белите јаки.
Истовремено се конфискува недвижен имот од „Лајв кер центар“ од 4.470 м2 во Шербетница, плац од 4.923 м2 во Шербетница, плац од 750 м2 во Шербетница. Од „ИТК инженеринг груп“ се конфискува стан од 57 м2, плац од 2.729 м2, од Новачевски градежни парцели во Крушево.
Судската постапка за „Плацеви на Водно“ траеше 9 месеци. Сите обвинети беа присутни на изрекувањето на пресудата освен првообвинетиот Никола Груевски, кој е во бегство, и неговиот адвокат поставен по службена должност.





