Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за лондонски „Фајненшл тајмс“ (ФТ) вели дека и покрај притисокот, Србија нема да ги загрози своите национални интереси со приклучување на западните санкции против Русија поради војната во Украина.
Вели дека Белград нема да „избере страна“ и покрај повиците од Европската унија (ЕУ) земјите кандидати да ја усогласат својата надворешна политика со Брисел, вклучително и санкциите за Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин.
„Се зборува за избор на страна. Не, ние имаме своја страна, интересите на Србија. Деветнаесет земји од НАТО не бомбардираа (1999) и ни воведоа санкции“, рече Вучиќ.
Србија, која е кандидат за членство во ЕУ, долго време има силни политички, економски и безбедносни врски со Русија, која ја снабдува со гас и го поддржува Белград да не ја признае независноста Косово, пишува ФТ.
„Имаме некаква заштита (од Русија). Што сакаат (западните земји)? Да ги напуштиме сите наши национални интереси затоа што некој сака нешто за себе“, вели Вучиќ, алудирајќи на Украина и желбата на Западот единствено да одговори на руската инвазија.
Вучиќ додаде дека Србија никому не вовела санкции бидејќи државниот врв не верува дека тие нешто би смениле.
„Можете да ја притискате и да ја натерате Србија, но ова е наше искрено мислење“, рече тој.







