„Неодамнешната приватна посета на премиерот Петков бугарската владина делегација во Битола, при отворањето на просториите на ‘Културен центар Иван Михајлов’, со целата скандалозност, заслужува ‘Бугарија мерси!’. Зошто настанот е скандалозен, а заслужува ‘мерси’, но не заслужува ‘Бугарија, благодарам’?“ Здружението ‘Културен центар Иван Михајлов’ е основано во март 2019, за да го рехабилитира името на Иван Михајлов, како еден од најголемите македонски дејци. Сега не се отвори здружението, туку неговите нови простории. И здружението не го отвори ниту Бугарија, ниту Петков, туку петмина граѓани на Македонија.’ – вели Сашо Клековски, аналитичар и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ во својата колумна со наслов „ „Бугарија, мерси!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“. Во колумната Клековски изнесува лични ставови.
Клековски пишува: „Првпат здружението привлече внимание во февруари 2020 година, кога организирало промоцијата на книга на Красимир Каракачанов. Нека не се прави хајка против Централниот регистар за регистрацијата на здружението, не е негова работа да толкува имиња и програми, тоа е работа на правосудството. Оттука, не може да се извлече заклучок дека е скандалозно постоењето на ‘Културниот центар Иван Михајлов’, постои веќе три години и никој не реагирал. Ниту дека е антибугарска реакцијата, бидејќи бугарски културни центри има и во Скопје и во Струмица и никој не реагирал.“
„Не е до толку скандалозно и лажното претставување на ‘Културниот центар Иван Михајлов’, кој во јавноста си додава и бугарски и ВМРО, а во регистрацијата го нема тоа. Или името не е испишано на македонски. Кога едно здружение, како ‘Културен центар Иван Михајлов’, кое е на маргините, го посетува премиер на Бугарија со цела владина делегација, тоа го прави скандалозно. Кирил Петков и Владата на Бугарија Иван Михајлов од отфрлена фигура го промовираа во централна бугарска владина политика и тоа е скандал и омаловажување на Македонија. Иван Ванчо Михајлов е крајно негативна личност во историјата на Македонија, соработник на нацистите и фашистите, ‘гангстер и терорист’ според извештаи на ЦИА.“ СДСМ-ботови ќе лажат дека восочна фигура има во Музејот на ВМРО, без да дадат контекст дека таму е во негативен контекст и пишува оти е одговорен за убиствата на многу македонски дејци и неколку илјади Македонци.“
Зошто тогаш едно скандалозно и омаловажувачко однесување заслужува ‘Бугарија мерси’, но не заслужува „Бугарија, благодарам’? Во бугарскиот јазик ‘мерси’ се употребува во секојдневниот говор, но кога човек е длабоко благодарен се употребува ‘благодаря – благодарам’. Ќе можевме да кажеме ‘благодаря’, ако Петков отвореше простории на Бугарскиот културен центар во Струмица, или во Скопје, и ако се извинеше за злосторствата за време на Втората светска војна, заедно со Ковачевски, премиер на Македонија, а веднаш потоа отвореа македонски културен центар во Благоевград и оттаму ако Петков објавеше дека Бугарија го повлекува ветото за ЕУ-членството на Македонија.’
„Наместо тоа Петков го промовира Иван Ванчо Михајлов во централна личност на бугарската политика. Изборот на погрешната страна на историјата, во овој случај фашистичка, не е случајност, туку е континуитет на бугарската политика кон Македонија. Кирил Петков и Бугарија заслужуваат ‘мерси’ од повеќе причини. ‘Мерси’ што Бугарија уште еднаш нѐ сплоти нас Македонците, уште еднаш ги приближи македонската левица и десница. Ние, Македонците, сме имале ретки моменти на сплотеност како за АСНОМ и за независноста на Македонија, но, и сега во услови на голема политичка поларизација, ги сплотува македонската десница и левица.“
„Мерси’ што Бугарија го наведе Бујар Османи да каже дека Иван Ванчо Михајлов е неприфатлива личност. Уште да кажеше дека е неприфатлив како квислинг и наци-соработник, што ќе помогне во расправата за Џемо и други балисти квислинзи и фашистички соработници.“ – вели Сашо Клековски во својата колумна, покрај другото.
Интернет-врска до целата колумна:
https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/blgari%d1%8f-mersi/





