„Поддршката на еден историски инкриминиран лик како Ванчо Михајлов од страна на политички претставници на земја-членка на ЕУ (Бугарија), и тоа на територија на соседна суверена држава, освен што е провокација и понижување за нашата држава домаќин, таа постапка сериозно ги предизвикува вредностите, принципите и владеењето на правото во Европската Унија, чија членка е Бугарија. Државната врхушка на Софија западнала во ‘временска дупка’ и ја идентификува ЕУ со ‘Третиот рајх’ и силите на Oската каде што и Бугарија била членка, пред осумдесетина години, и сѐ уште не се разбудила… Веројатно и Брисел веќе е свесен за ова.“
„Ако не стануваше збор за политика, во која лицемерството е дел од дипломатската умешност, противречниот развој на македонско-бугарските односи во последниве три години, пројавен со искажување поддршка на Бугарија да ја види Македонија во ЕУ, а истовремено ѝ става вето за почеток на преговорите, ќе требаше да се третира како психијатриска дијагноза за поделена личност. За нова ескалација на оваа веќе воспоставена политичко-психијатриска состојба на билатералните односи изминатиот викенд придонесе посетата на висока бугарска делегација на Битола, која сакаше да му даде особено значење на отворањето на бугарскиот културен клуб, именуван според Ванчо Михајлов, соработник на фашизмот и нацизмот за време на Втората светска војна.“
„Промотивната поддршка на еден таков историски инкриминиран лик, од страна на политички претставници на земја-членка на ЕУ (Бугарија), и тоа на територија на соседна суверена држава, освен што е провокација за Македонија, сериозно ги предизвикува и вредностите и критериумите на Европската Унија, поставена на антифашистичките вредности, вградено во основачките документи на Унијата.“
„И покрај бурната реакција на македонската јавност за настанот во Битола, пред сѐ поради провокативниот ревизионизам за релативизирање на фашизмот преку именувањето на бугарскиот културен клуб во Битола со името на фашистичкиот соработник Ванчо Михајлов, истата таа јавност очекува и реакција од претставници на ЕУ, со оглед дека е создадена претстава за промоција на фашизмот во Македонија од страна на политичари од земја-членка на ЕУ.“
„Европската комисија уште еднаш го повтори ставот дека Бугарија и Македонија треба да најдат ‘заедничко прифатливо решение’ за спорот, без да го прокоментира настанот со бугарската државна делегација во Битола, која присуствуваше на отворање бугарски центар именуван според соработник на фашистите. ЕК и молчи и замижува за афирмирањето фашистичка идеологија од државна делегација на ЕУ-членка“- вели Павловска во својот коментар, покрај другото.
Интернет-врска до целиот коментар:





