Ќе ја прифати ли СОНК понудата од Владата?

Владата го повика СОНК да ги прифати понудените 10 проценти зголемување на платите на просветните работници, за што донесе и одлука за ребаланс на Буџетот.



Формирана е и работна група од надлежните министри со цел да отпочнат процес за преговори за колективен договор со репрезентативниот синдикат и за методологија за континуиран раст на платите во јавниот сектор.

Денеска на седница синдикатот ќе ги разгледува заклучоците, па ќе се произнесе, но во меѓувреме штрајкот продолжува.

„И официјално денеска ќе расправаме за понудата од Владата донесена на синоќешната седница. Ќе направиме и пошироки консултации. Во неделата имавме извештај од сондажата за понудата што ни ја достави Владата тогаш усмено и сега писмено и 95 отсто од членовите се изјаснија дека не ја прифаќаат, вели Јаким Неделков, претседател на СОНК, во гостувањето во денешниот „Утрински брифинг“.

Тој додава дека има притисоци врз штрајкувачите и тоа не се само списоците кои ги прават кој штрајкува или кој не штрајкува.

Околу продолжувањетона штрајкот што трае веќе втора недела тој вели:

„-Не е спорно колку ние можеме да издржиме, спорно е колку Владата ќе остане закопана во ров на својата позиција. Владата не нѐ послуша кога зборувавме за наглото зголемување на минималецот, а кога веќе е покачен минималецот треба да се покачат и нашите оти ние чекаме шест години. Чашата ја прелеа тоа што со зголемувањето на минималната плата сега имаме некои работни места со различна сложенст кои имаат иста плата. Не е проблемот нашата нетрпеливост, вели Неделков.