Бугарската академската заедница смета дека односите со Македонија назадуваат

Академската заедница во Бугарија смета дека бугарската влада останува поделена во поглед на тоа како да се реши овој спор. Според академикот Спас Ташев од Бугарската академија на науките (БАН), во моментот сепак постојат две политики кои се водат во однос на надворешната политика на Бугарија кон Македонија.



“До настаните во саботата (отварањето на клубот на Центарот за култура“Иван Михаилов“ во Битола) имаше два колосека на надворешната политика на Бугарија кон Република Македонија.“ изјави Ташев за БНР.

Според Ташев, едниот колосек е официјалната надворешна политика усвоена од владата на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, додека другиот колосек е оној на сегашниот премиер Кирил Петков и неговиот кабинет.

“Тој е право за тоа дека тоа за што се преговара мора да биде потврдено од страна на парламентот. Од овој аспект немаше промена, туку Петков подготвуваше таква промена.“ додаде Ташев.

Според него, случувањата од Битола се покажале и како аргумент против политиката што ја води премиерот Петков, бидејќи тамошните настани докажале дека нема значајни промени во Македонија.

„За два дена во Република Северна Македонија беа објавени толку антибугарски материјали колку во последните 5-6 години. Од оваа гледна точка имаме чекор назад и не можеме да зборуваме за напредок во односите.“ потенцира Ташев.

Според бугарскиот професор и експерт за изборни системи, Михаил Константинов, најголемиот проблем за бугарската влада во моментов е токму македонското прашање.

За Констатинов, ова е “клучно прашање за Бугарија“ и тој очекува таму да се случи “национално предавство“.

Дел од бугарската академска заедница пак повторно ја обвини македонската страна за “фалсифкување на бугарската историја“, овојпат преку случајот со откривањето на споменикот на принцезата Теодора Косара од страна на македонскиот претседател Стево Пендаровски во Бар минатата недела.

“На прв поглед, со невин гест – откривање споменик во знак на љубовта меѓу ќерката на цар Самуил и црногорскиот принц Иван Владимир – властите во Скопје сакаат да покажат дека во средниот век постои македонско царство кое нема врска со Бугарија и кое си води своја надворешна политика, како што тоа се обидува да го прави и денешната Република Северна Македонија.“ рече во изјава за БГНЕС бугарскиот историчар Пламен Павлов.

Во меѓувреме, резултатите од анкетата спроведена од страна на агенцијата „Алфа рисрч“ покажаа дека само 19 отсто Бугари веруваат дека владејачката коалиција во земјата ќе најде решение за укинување на ветото за Македонија.