Полска повеќе нема да купува или плаќа вакцини противКовид-19 согласно договорот за снабдување на Европската унија, изјави министерот за здравство на земјата.
Заедно со другите членки на ЕУ, Полска прими анти-ковид вакцини за време на пандемијата согласно договорите за набавка склучени меѓу Европската комисија и производителите на вакцини како што се Бионтек/Фајзер и Модерна.
Во земјата има вишок вакцини, од кои некои Варшава ги продаде или ги донираше на други земји.
„Кон крајот на минатата недела, ја искористивме клаузулата за ‘виша сила’ и ја информиравме Европската комисија и главниот производител на вакцини дека во моментов одбиваме да прифатиме такви вакцини, а исто така одбиваме да платиме“, изјави министерот за здравство Адам Ниџиелски за полската ТВН24, пренесува Ројтерс.
„Веројатно, последица од ова ќе биде правен конфликт што веќе постои“, рече тој.
Имено, Полска не може директно да го раскине договорот за набавка на вакцини, бидејќи страни во договорите се Европската комисија и производителите.
Вредноста на договорот за испорака на вакцини во Полска до крајот на 2023 година со само еден производител е во вредност од повеќе од 6 милијарди злоти (1,4 милијарди долари), од кои повеќе од 2 милијарди злоти се за испорака во 2022 година.







