Македонците од Бугарија бараат признавање на својот идентитет и статус како малцинство

„Повеќе стотици Македонци од Бугарија, но и од други земји, изминатиот викенд присуствуваа на големиот семакедонски собир во градот Мелник, Бугарија, кој се организира во пресрет на 107-годишнината од убиството на Јане Сандански, еден од водачите на македонското револуционерно движење. На овој семакедонски собир беше прочитана и посебна декларација, во која се бара да се признае македонското малцинство во Бугарија.’ – се вели во Декларацијата на Македонците од Бугарија.“ – објави весникот „Нова Македонија“ во редакциската статија со наслов „Бугарија прави гротеска од ЕУ “.

„Македонците од Бугарија ги изнесоа своите барања преку Декларација“

„Нова Македонија“ ја пренесува исцело оваа декларација, во која се наведува, меѓу другото, и следново: ‘Шеесет години македонското малцинство во Бугарија е предмет на систематска дискриминација, асимилација и маргинализација. Тоа им нанесе безброј страдања на Македонците и ги направи граѓани од втор ред во земјата, во која живеат и во земјата во која се родени. Оваа политика е неприфатлива за цивилизирана и правна држава, гротеска за Европската Унија. Истата антимакедонска политика сега ги блокира македонските евроинтеграции со апсурдни и понижувачки барања не само за Македонија, туку и за Бугарија. Оваа политика сее омраза и ги труе животите на луѓето. Мора да престане. Ги повикуваме бугарските власти:

‘Да се промени одлуката на Уставниот суд од 29 февруари 2000 година и декларацијата на бугарскиот Парламент од 6 март 1990 година, со кои официјално се декларира дека во Бугарија нема оформен македонски етникум, исто како и позицијата на Владата и декларацијата на Парламентот од 9 ноември 2019 година. Владата официјално да објави дека македонското малцинство повеќе нема да биде негирано, ниту дискриминирано и оти неговите права ќе бидат заштитени.’

‘Ако Република Бугарија настојува Бугарите во Македонија да влезат во македонскиот Устав, Македонците исто така треба да влезат во бугарскиот.’

‘Бугарија да ја крене вештачката блокада за регистрација на македонските организации и да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права, со тоа што ќе ги регистрира тие организации.’

‘Во идните пописи да се внесе посебна графа ‘Македонец’ и при неговото спроведување да се објави јавно и официјално дека секој што се чувствува како Македонец може слободно да се декларира како таков.’

‘Изучувањето на македонскиот литературен јазик, култура и историја да влезе во образовните програми за децата од македонското малцинство, како и во државните универзитети. Потребни се измени во основните образовни програми на начин што нема да ги исклучува македонската нација, малцинство и неговата историја, култура и јазик…’

‘Државата да започне активен дијалог со претставници на македонското малцинство за решавање на постојните проблеми и македонски претставник да влезе во Комисијата за малцинствата. Дијалогот треба да започне веднаш, без да се чека признавање на малцинството…’



Интернет-врска до целата статија со целата Декларација на Македонците од Бугарија:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/bugarija-pravi-groteska-od-eu/