Европската комисија останува на ставот дека Бугарија и Македонија треба да изнајдат „заедничко прифатливо решение” за спорот, но одби да даде коментар за билатералните услови во ЕУ процесот, јави дописничката на МИА од Брисел.
МИА денеска на редовниот брифинг за новинари на Европската комисија побара коментар како за посетата на бугарската владина делегација во центарот во Битола кој го носи името на контроверзниот Ванчо Михајлов, како и коментар за најавата за нова блокада на ЕУ патот од страна на Софија.
Портпаролката Ана Писонеро ги повтори истите познати реченици за „заедничко прифатливо решение”.
– Нашата дамнешна позиција е дека и Македонија и Албанија ги исполнија условите за почеток на пристапните преговори, како што знаете следните чекори се во рацете на Советот, од наша страна јасно продолжуваме да ги охрабруваме Македонија и Бугарија да постигнат заеднички прифатливо решение за постоечките билатерални прашања и се надеваме дека ќе видиме што е можно поскоро отворање на формалните пристапни преговори со двете земји, што поскоро, повтори Писонеро.





