Ивановски: „Уставниот и државата мора да реагираат – ‘Михајлов’ ги урива уставниот поредок и територијалниот интегритет“

„Со упатените и искажаните тврдења од страна на бугарскиот политички врв и по повод новоформираниот бугарски клуб во Битола викендов се направени тешки кривични дела, меѓу кои спаѓа и демонстрирање фашизам, што е казниво во светот, тврдат правните експерти. Според нив, директно се негираат НОВ, АСНОМ и формирањето на македонската држава, не се признава македонскиот територијален интегритет и се разгорува национална омраза, со тоа што не се признава постоењето на македонскиот идентитет.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Направени се повеќе тешки кривични дела, со кои се урива уставниот поредок на Македонија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Правните експерти едногласни“

Таневски пишува: „Отворањето на бугарскиот културен клуб именуван „Ванчо Михајлов“ викендов во Битола сѐ уште предизвикува бурни реакции кај домашната јавност, која смета дека работата на овој клуб е во целосна спротивност со македонските закони и со Уставот и дека надлежните треба да реагираат. По забелешките зошто се именува клубот со името на Ванчо Михајлов, докажан соработник на фашистите за време на Втората светска војна и негатор на Македонците, од клубот соопштија дека ‘историскиот лик Ванчо Михајлов е продолжувач на делото на Гоце Делчев и Даме Груев.’ – се наведува во реакцијата на културниот центар “Ванчо Михајлов’.’

„Овие апсурдни тези на новоотворениот центар говорат дека не станува збор за никаков бугарски културен клуб, што ќе работи на зближување на двата народа преку културна соработка, туку за пропагандистичка алатка, што сериозно го поткопува уставниот поредок на државата, пласирајќи ги бугарските тези од пред повеќе од еден век.“

„Прекршени и законот и Уставот“

„Изнесените ставови на бугарскиот културен клуб се спротивни на македонските закони и на Уставот, поради кои овој клуб треба да биде забранет и да се побара негова пререгистрација, не затоа што е бугарски, туку затоа што е противзаконски. Тезите што ги застапува овој клуб се дека Тито ја создал Македонија по принципот на она што Путин го прави во Донбас. Со ова директно се негираат НОВ, АСНОМ и формирањето на македонската држава. Втор момент е дека оваа територија претходно ѝ припаѓала на Бугарија и дека Тито ја откинал од бугарската држава и ја припоил кон поранешна Југославија.“

„Ваквите тврдења од бугарскиот културен клуб повторно се спротивни и на Законот за здруженија и фондации, но и на Уставот, бидејќи не се признава територијалниот интегритет на државата, туку оваа територија се доживува како ‘окупирана’, што отвора можност клубот со своето дејствување да работи во насока на ‘враќање на одземената територија’’. Тоа е опасен преседан, кој целосно го поткопува територијалниот интегритет на државата.“

„Пред нешто повеќе од 20 години во Основниот суд во Охрид се регистрира здружението ‘Радко’ со отворена програмска непријателска определба за продолжување на терористичката и профашистичка дејност на Ванчо Михајлов. Уставниот суд на 21 март 2001 години ги поништи Програмата за работа и Статутот на здружението на граѓани ‘Радко’ како противуставни.

„Уставниот суд треба да да реагира, бидејќи и со настапот на бугарскиот клуб ‘Ванчо Михајлов’ се нарушува територијалниот интегритет на државата, односно оти неговото дејствување е спротивно на Уставот. Треба веднаш да реагира Јавното обвинителство, односно сите институции што го штитат државниот поредок.’ – вели поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски.“

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/napraveni-povekje-teshki-krivichni-dela-so-koi-se-uriva-ustavniot-poredok-na-makedonija/