Лавров: „Започнува ослободувањето на Доњецк и Луганск“

Шефот на руската дипломатија, Серкеј Лавров вели дека почна следната етапа од таканаречената „специјална воена операција во Украина“ чија цел е „целосно ослободување на Народните републики Доњецк и Луганск“.



Зеленски: Русите ја започнаа битката за Донбас

„Операцијата во источна Украина има за цел, како што беше најавено од самиот почеток, целосно ослободување на републиките Доњецк и Луганск“, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за India Today, што го пренесуваат светски агенции.

Според него, Русија била принудена да започне „специјална воена операција“ во Украина како одговор на барањето за помош од самопрогласените „народни републики“ Доњецк и Луганск. Русија ги признава Народните републики Луганск и Доњецк во границите прогласени како резултат на референдумите одржани во 2014 година.

Министерот потврдно одговори и на новинарското прашање дали тоа важи и за регионите Волноваха и Мариупол.

„Во моментов народната милиција на овие републики се бори за враќање на изгубените територии. Факт е дека за време на референдумот во 2014 година прашањето се однесуваше за сите територии на овие поранешни региони. Тогаш водачите на државниот удар (така ги нарекува властите во Украина по 2014 година) започна војна што откина значителен дел од секој од овие региони“, рече Лавров.

Лавров потсети дека во ноември минатата година Путин ги покани САД и НАТО да седнат на преговарачка маса и да разговараат за правните безбедносни гаранции, вклучително и запирање на натамошното проширување на НАТО на исток, но тоа не беше прифатено од Запад.