„Скопско ехо“: Дали Пендаровски и Ковачевски ќе и кажат на Бугарија дека е неприфатливо газењето на македонскиот идентитет?“

„Дали Пендаровски и Ковачевски ќе и кажат јасно на Бугарија дека газењето на македонскиот идентитет е крајно неприфатливо и оти го урива добрососедството?“ – прашува весникот „Скопско ехо“ во својата редакциска статија со наслов „Дали Пендаровски и Ковачевски ќе се јават во Софија, или вчерашните соопштенија се доволни?“

„Скопско ехо“ пишува: „Отворaњето на бугарскиот културен клуб ‘Ванчо Михајлов’ во Битола од саботата ја зовре јавноста во Македонија. Сите реагираат дека е провокација именувањето на клубот со име на човек, кој соработувал со фашисти. Водечките македонски политичари реагираа дури утредента по силните реакции од граѓаните во Македонија. Шефот на државата Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски ги кажаа своите ставови без настап пред повеќе новинарски екипи.“

„Отворањето културни центри насекаде во демократскиот свет е чекор кон зближување на народите и нивните култури, но именувањето на установи од областа на културата според докажан соработник на фашистичкиот режим од Втората светска војна не и служи на таа благородна кауза. Сигурен сум дека ниту македонскиот, ниту бугарскиот народ не сметаат дека ликот и (не)делото на Ванчо Михајлов можат да придонесат во таа насока.’ – реагира претседателот Пендаровски.“

„Премиерот Димитар Ковачевски посочи дека Владата стои зад слободните убедувања на сите граѓани, но очекува ист пристап и реципроцитет за бугарските граѓани со македонско самосознание. ‘Се работи за контроверзна историска личност, која во с.Македонија е доживувана на различен начин од различни групи на граѓани. Сепак, бидејќи се работи за граѓанска иницијатива, согласно Европската конвенција за човекови права, со која ние сме целосно усогласени, ваквите проекти не се предмет на државен надзор. Владата на с.Македонија како и јавноста, со нетрпение го очекува денот кога и кај нашите соседи ќе созрее времето кога и таму оние граѓани кои имаат, на пример, македонско самосознание, ќе можат на ист таков слободен начин да ги практикуваат своите уверувања.’ – став е на Ковачевски.“

„Дали кажаното од двајцата највисоки државни функционери е доволна реакција? Треба ли скандалот и провокацијата да завршат само со две нивни соопштенија – изјави? Ќе се крене ли телефонот, за да се јават во Софија? Ќе чека ли Ковачевски да ‘созрее времето’, како што рече самиот, за да се отвори македонски клуб во Бугарија, или тоа ќе го бара при првата средба со неговиот бугарски колега? Ќе и кажат ли јасно на Бугарија дека газењето на македонскиот идентитет е крајно неприфатливо и го урива добрососедството? По настанот во Битола реагираа чекајќи еден ден, а сега пак ќе чекаат?“ – прашува „Скопско ехо“ во својата статија.