Влада: Неодговорно е да се продолжува со штрајкот и покрај понуденото решение

Владата ја оцени како неодговорна и несериозна одлуката на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) за продолжување на генералниот штрајк во градинките и училиштата и одбивање на понудата за зголемување на платите во секторот образование и детска заштита за 10 отсто.



Со одлуката на СОНК, која попладнево беше презентирана од претседателот на Синдикаотот, Владата смета оти се руши воспоставениот образовен процес во услови на економска и здравствена криза.

„Со продолжувањето на штрајкот и одбивањето на понудата на Владата со која се отвора простор за трајно решавање и подобрување на стандардот на вработените во образованието, ризикот за продолжување на училишната година е особено извесен. Во овој контекст, несериозно е да се ставаат во ризик и да им се прави штета во личниот развој на децата кои треба да го продолжат образованието, да се запишат во средните училишта, да полагаат матура и да се запишат на факултетите во земјава и странство“, стои во писменото соопштение од Владата во однос на одлуката на СОНК.

Дополнително, како што додаваат од Владата, согласно Законот за работни односи и Колективниот договор за основнoто, средното образование и за градинките, на вработените кои штрајкуваат ќе им се исплатат само придонесите на платите.

„Ова произлегува од одлуката на СОНК да организира и одржува генерален штрајк за унапредување на правата на работниците, а во периодот од шест месеци од донесувањето односно зголемувањето на минималната плата. Законската обврска за усогласувањето е шест месеци од донесувањето, односно зголемувањето на минималната плата и Владата, а министерствата и СОНК сѐ уште преговараат во овој законски предвиден рок“, се наведува во владиното соопштение.

Од Влада додаваат оти според понудата за зголемување на платите за 10 отсто во градинките и училиштата кое би се обезбедило со ребаланас на Буџетот, вработените во овие сектори би добивале просечно зголемување на месечните приходи за 2 500 денари – предлог кој беше одбиен од 95 проценти од синдикалните организации при СОНК.