Јотова од Охрид: На Бугари на пописот им се барале бугарски документи како доказ

Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова која денеска престојува во посета на Охрид на брифинг со локалните медиуми рече дека на оние кои се изјасниле како Бугари на националниот попис во Македонија им било барано документи како доказ и поради тоа нивниот број е 3.504 граѓани.



– По моја информација, од попишувачите им било барано како доказ да покажат бугарски документи, рече Јотова денеска во Охрид.

Јотова дополни дека пет години ништо не се е реализирано од договорот за добрососедство и дека, освен впишувањето на Бугарите во Уставот, потребно е да се промени методологијата за учебниците, да се рехабилитираат бугарските жртви од комунизмот во архивите и да се заштитат спомениците.

Јотова вчера во Битола одговори „Кои се тие Македонци?“, на новинарското прашање дали ќе им се признаат правата на Македонците во Бугарија.

Таа рече дека во Битола дошле за да ги поддржат Бугарите во Република Северна Македонија и да го отворат новиот клуб. Таа нагласи дека позицијата на Бугарија е непроменета во однос на почетокот на преговорите.