Тврдењето на украинскиот претседател Владимир Зеленски за Си-Ен-Ен дека од почетокот на руската воена операција во Украина „окупаторот“ загубил најмалку 20.000 војници, а неговата земја 2.500-3.000, го негираат од Министерството за одбрана на Русија.



Украина претрпе „неповратни загуби“ од 23.367 војници, откако Русија ја започна својата воена офанзива во февруари, соопшти руското Министерство за одбрана.

Портпаролот на Министерството, генерал-мајор Игор Конашенков, изјави дека само во градот Мариупол Украина изгубила повеќе од 4.000 луѓе, вклучително и „странски платеници“ и „нацисти“ поврзани со полковите „Азов“ и „Ајдар“.

Конашенков додаде дека Русија добила документи кои ги докажуваат загубите на Украина и наскоро ќе објави подетални информации од овие досиеја.

Во изјавата, генералот го обвини Зеленски дека ги крие вистинските размери на загубите на Украина, велејќи дека претседателот „се плаши да му каже на народот на Украина“ колку војници се изгубени.