Ибрахими: „Може да ‘пукне’ незадоволството на Албанците третирани како малцинство, или заедница – да се редефинира државата“

„Инсистирањето на овој модел на градење моноетничка македонска држава може да произведе кризи и можности за дестабилизација. Третманот на Албанците како малцинство (како етничка заедница) создава незадоволство, кое продолжува и не се знае кога може тоа да пукне и кои ќе бидат последиците од сето тоа. Затоа треба да се редефинира с.Македонија како држава.“ – вели Зеќирија Ибрахими, доктор по филолошки науки и научен работник во Институтот за духовно и културно наследство на Албанците од Скопје, во својата колумна со наслов „Процент на редефинирањето“, која ја објави информативниот портал на албански јазик „Алмакос“.

„Се случува опаѓање на населението и кај Македонците и кај Албанците. И покрај сиот пад, Македонците и натаму го задржуваат приматот како народ и државата ја третираат како моноетничка македонска со ‘некои малцинства’. Албанците и натаму го одржуваат приматот како ‘незагрозена’ ‘етничка заедница’. Албанците се една четвртина во државата, или како нерезидентно население скоро една третина, што подразбира не само физичко присуство, туку и финансиско, па третирањето како малцинство (како етничка заедница) е дискриминација и акумулира незадоволство, чија реакција во иднина не може да се предвиди.“

„По пописот с. Македонија мора да размисли повторно за тоа дека инсистирањето на овој модел на градење држава може да произведе кризи и можности за дестабилизација. Инсистирањето на моноетничка држава, пројавено уште од преамбулата, симболите на државата, јазичните политики, распределбата на јавните финансии, армијата, полицијата, судството, до моделот на безбедноста, претставува насилно наметнување за создавање фиктивна реалност наспроти фактичката реалност.“

„Разликата во процентот меѓу Македонците и Албанците не е ниту двапати поголем, додека разликата во процентот на Албанците и другите малцинства е шест до седум пати повисок. Повикувајќи се на проценти, Македонците им го наметнуваат на Албанците статусот на малцинство или етничка заедница, но зошто Албанците треба да прифаќаат да се третираат како малцинство, кога разликата меѓу нив и малцинствата е неколку пати повисока отколку што е разликата меѓу Македонците и Албанците? Прашањето е логично, легално и легитимно, а за одговорот нека мислат тие кои сакаат с.Македонија да ја гледаат во овој модел на градење на државата.“

„с.Македонија треба да се редефинира како држава на првото поголемо мнозинство (Македонци), на второто поголемо мнозинство (Албанци) и на другите малцинства (Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и др.) Тоа значи дека и во преамбулата на уставот треба да имаме одвоена формулација за Албанците како второ поголемо мнозинство, тоа значи дека и државните симболи треба да го одразуваат второто поголемо мнозинство, тоа значи дека и изборниот модел треба да го одрази процентот на Албанците во бројот на пратеници (секако и помалите заедници заслужуваат таква застапеност), тоа значи дека и јазичната политика треба да го признае првиот официјален јазик (македонскиот) и вториот официјален јазик (албанскиот), тоа значи дека и во армијата, во полицијата, администрацијата, во правосудниот систем треба да се одрази тоа, но и државниот буџет треба да се распредели со такви параметри.“

„Освен овој модел, кој личи на бинационална држава, друга можност е и редефинирање на државата како чисто граѓанска, во која нема да има нација која е мнозинство, во која суверенитетот припаѓа на граѓанинот, во која преамбулата на уставот е граѓанска без етнички одлики, во која државните симболи се неутрални кон различните заедници, во која државната политика ниту фаворизира ниту дискриминира (ни позитивно) ниту еден граѓанин врз етничка основа, а јазичните политики се градат според реалните потреби на заедниците во државата.“

„Било кој модел да се прифати, ќе биде подобар од актуелниот. На тој начин с.Македонија ги отстранува сите можности за незадоволство, кои може да резултираат со меѓуетнички недоразбирања. Редефинирањето на Северна Македонија врз овие критериуми не е на ничија штета во државата, а секако е добро за долгорочното здравје на државата. Во спротивно, премолчувањето на оваа реалност и однесувањето како се да е во ред подразбира дека незадоволството продолжува и не се знае кога може тоа да пукне и кои ќе бидат последиците од сето тоа.“