Петков побара од Бугарите во земјава да бидат мост на добрососедство

Бугарската заедница во Македонија е мост меѓу двете држави, рече премиерот на Бугарија Кирил Петков во обраќањето на отворањето на културниот центар „Ванчо Михајлов“ во Битола.



Обраќајќи им се на присутните членови на бугарскиот клуб во Битола, тој рече дека нивната благосостојба е гаранција за тоа.

– Вашата благосостојба е гаранција за добри односи. Односите меѓу владите се подобруваат. Ковачевски исто така, ја потенцира важноста на искоренување на говорот на омраза и на потребата бугарската заедница во Македонија да се чувствува целосно рамноправна. Денеска е денот на бугарскиот Устав. Основен закон за заштита на слободите. Сметам дека уставните права на бугарската заедница се многу важни и се огромен чекор кон целосна рамноправност меѓу народите – изјави Петков.

Според него, европската иднина на земјава е од големо значење за безбедноста на Балканот.

-Ако немаме мир и стабилност на Балканот, ако не можеме да ги подигнеме границите, да не можат да работат бизнисите, ако нема една визија дека заедно можеме се да постигнеме не можеме ништо да постигнеме -рече Петков.

Тој рече дека двете страни во моментов работат многу на наоѓање решение за спорот.

-Двете страни работат многу. Треба да стигнеме до една општа позиција, не само во Бугарија туку заедно со Македонија и да се јасни. Ние имаме рамки, имаме се. Јасно е дека за сите нас е важно иднината на Македонија да биде во ЕУ. И сите области во Македонија треба да се чувствуваат со рамноправни права. Темата е реална, прашање е само кога, како и со какви отстапки од двете страни. Работиме многу за успех – рече бугарскиот премиер.