Јанев: Македонскиот народ мора да го отфрли нелегалниот договор со Софија за негово побугарување

„По изјавата на министерот за надворешни работи Османи дека има документ, што бил прифатлив за Македонија како основа за договор со Бугарија, домашната експертска јавност е на нозе и во недоумица што содржи точно тој документ. Она што сега повторно загрижува, исто како и со Преспанскиот договор, е затвореноста во преговарачкиот процес со Бугарија, со што Македонија одново се става пред свршен чин да прифати нешто што е на нејзина штета.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Бугарски корици за преспанското сценарио“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



„Дали тајноста во преговорите со Софија ја турка нашата Влада кон погубно решение?“

Таневски пишува: „ Признанието на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека има документ како основа за договор со Бугарија, кој е прифатлив за македонската страна, предизвика бурни реакции во јавноста, која се прашува: што содржи тој документ, зошто не е достапен за јавноста и дали тајноста на преговорите може повторно да биде на штета на Македонија? Слично сценарио на Македонија ѝ се случи со Преспанската спогодба, кога само тогашниот премиер Заев и министерот за надворешни работи Димитров  преговараа со Грција, без да ја информираат домашната јавност за што се преговара точно. На крајот се потпиша договор, чии негативни ефекти се појавуваат и денес.“

„Повторно загрижува затвореноста во преговарачкиот процес со Бугарија, со што Македонија одново се става дословно пред свршен чин да мора да прифаќа нешто, што не е во нејзина полза. Иако од Софија пристигаат информации дека станува збор за документ уште од февруари, кој што бугарската страна веќе го одбила, сепак извесно е дека постои некаков документ, со кој калкулира и бугарската страна. Дека е тоа така говорат последните спротивставени изјави од страна на коалициските партнери во бугарската влада околу можноста Бугарија да го крене ветото за Македонија во јуни.“

„Затоа се и реакциите од страна на македонската јавност, која со право сака да знае за што преговара министерот Османи, бидејќи негова основна задача е да ги штити националните интереси, а не да преговара како државата да е негова приватна сопственост.Отвореноста подразбира поширока дебата во врска со документот, почнувајќи од расправа во македонското Собрание, вклучувајќи и во МАНУ, но и во други институции каде што стручната јавност ќе има можност да се изјасни во однос на сите точки на еден таков документ. Македонското собрание веќе донесе резолуција, која се однесуваше на заштитата на националните интереси на Македонија во преговорите со Бугарија.“

„Доследното спроведување на меѓународното право ги штити македонскиот идентитет и јазик“

„Со тој документ треба да бидат запознаени пратениците, особено опозицијата, како и ‘експертите’, ако воопшто ги има во Македонија. Не може да биде легален никаков иден договор со Бугарија не може да биде легален, бидејќи негов предмет е негација и културна и национална асимилација, побугарување на македонскиот народ. Договорот од 2017 година  и секаков нов договор на таа линија се погубни и треба да се отфрлат!“ – предупредува Игор Јанев, универзитетски професор по меѓународно право од Институтот за политички студии во Белград.

„Договор со Бугарија, со кој се отвора ‘прашањето на македонскиот идентитет’, е нелегален, бидејќи според меѓународното право, секој договор насочен кон менување или ревизија на националниот идентитет е нелегален, односно етноциден или културоциден. Со договорот од 2017 година грубо се ускратува правото на македонска националност, која се поништува и заменува со вештачка, прво северномакедонска со Преспанскиот, па потоа и со бугарската импутирана националност во финишот на целиот процес за етноцидна асимилацијата и културната негација. Народот мора да реагира на ваквите обиди за негово асимилирање.“ – категоричен е професорот Јанев.“

Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/bugarski-korici-za-prespanskoto-scenario/