Руското Министерство за надворешни работи прогласи 18 вработени во Делегацијата на Европската унија за „персона нон грата“ како одговор на „непријателските постапки“ на ЕУ.
Министерството го повика шефот на Делегацијата на ЕУ, Маркус Едерер, за да му го изрази својот „силен приговор“ за претходното „неоправдано“ протерување на 19 вработени во Постојаната мисија на Русија во ЕУ и во „Евроатом“.
„Руската страна изјави дека ЕУ е одговорна за доследно уништување на архитектурата на билатералниот дијалог и соработка што се создава со децении“, се вели во соопштението на Министерството.
На Едерер му беше даден и потсетник за неопходноста ЕУ да ја почитува Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.
„Како одговор на непријателските дејствија на Европската унија, 18 вработени во Делегацијата на ЕУ во Русија се прогласени за „персона нон грата“ и ќе мора да ја напуштат територијата на Руската Федерација во блиска иднина“, соопшти Министерството.
Европската унија ја осуди, како што ја нарече, „неоправданата, неоснована одлука“ на Москва. Портпаролот Питер Стано изјави дека оваа мерка е „чиста одмазда“ што „само ќе ја продлабочи изолацијата на Русија“.
„Европската унија силно го повикува Кремљ да се врати на почитување на меѓународните правила и кооперативен пристап кон меѓународните односи“, напиша Стано на Твитер.
На 5 април ЕУ ги прогласи 19. руски дипломати за персона нон грата, велејќи дека тие „се ангажираат во активности спротивни на нивниот дипломатски статус“. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, реагираше на соопштението велејќи дека ЕУ треба да очекува „соодветни мерки“ како одговор.
Петочната вест за протерувањето на дипломатите од ЕУ стана последната рунда во тековниот дипломатски конфликт меѓу Русија и западните земји, кој се интензивираше по започнувањето на руската офанзива во Украина на 24 февруари. Десетици руски дипломати се протерани, а Русија предупреди дека секое протерување ќе предизвика одмазда.





