Владата да не воведува даноци до крајот на годината – предлага Стопанската комора. Според претседателот на Комората Бранко Азески треба да се укинат и другите давачки за приватниот сектор.
Тој денеска има средби со компании од прехранбената индустрија, а разговорите се за ауктуелната криза. Азески вели дека се знае дека во вакви услови е тешко, но дека тоа е единствено решение. Првиот човек на комората разговараше со претставници на компании во Марино и Кадино.
„Исклучително е значајно да се напомене дека во секојдневната комуникација со компаниите, преовладува нивното инсистирање дека е момент во којшто треба да им се помогне, но треба да се помогне и на државата, која исто така се судира со проблеми. Токму затоа се бара засилување на јавно-приватниот дијалог, избегнување на носење закони по скратена постапка. Пораките кои се упатуваат до владата се следни:
Да направи максимални напори да обезбеди енергенси во доволна количина, по секоја цена за да не запре производството. Владата да направи максимални напори за стабилизирање на цените на домашниот пазар бидејќи потрошувачката е исклучително важна, но и сузбивањето на сивата економија. Да направи максимални напори да ја одржи ликвидноста на целата економија. Владата мора, врз основа сознанијата на реалниот сектор т.е. на капиталот, да издвои приоритети во и онака скромната акумулација за интервенции на краток рок. Тоа значи да се држат потиснати на страна инфлаторните очекувања, а средствата да се насочат не хоризонтално, туку вертикално. И ние како и Владата сметаме дека треба да се таргетира помош за ранливите категории, но не за секој и секого како досега, изјави Азески.
Тој вели дека извесноста која ја бараат е потребна заради драстичниот раст на цените, а некаде и недостиг од суровини неопходни за производство, што е проблем во глобални рамки и е незивесен. Тоа, според комората може да доведе до нарушување на ликвидноста на компаниите, а затворање на капацитетите и отпуштање на вработените.





