„Крајно време е за таков штрајк, со кој би запреле аномалиите во Министерството за образование и наука, а тој штрајк може да го предводи токму министерот Јетон Шаќири.“ – му порачува весникот „Скопско ехо“ на првиот човек на македонското образование во својот редакциски коментар со наслов „Кога ќе почне да штрајкува министерот за образование?“
„Скопско ехо“ пишува: „Штрајкот во градинките и училиштата трае и денеска. Вработените бараат зголемување на платите. Уште завчера министерот за образование Јетон Шаќири им одржа ‘лекција’ наставниците за што треба да се штрајкува, всушност. „Ние треба да штрајкуваме, за да се натпреваруваме за меѓународни натпревари, треба да се крева штрајк за каква било неправда кон наставниците и други разумни, оправдани штрајкови, но не и штрајкови за повисоки плати.’ – кажа Шаќири во расправа на ТВ Клан Македонија.“
„Министерот, очигледно, сакаше да им порача на наставниците дека поголем е проблемот во квалитетот на наставата како и во потребата учениците повеќе да одат на натпревари. Резултатите на релевантните тестирања какви што се ПИСА и другите, навистина покажуваат дека не можеме да бидеме задоволни со знаењата на македонските ученици. Но, министерот не објасни како вака платени наставници, кои работат во слабо опремени училишта и со учебници, кои непрестајно се менуваат, да постигнат добри резултати со своите ученици.“
„Ако некој треба да стапи во штрајк, за да македонските ученици се натпреваруваат на меѓународни натпревари, тоа е токму Министерството за образование на чие чело е Шаќири. Многу причини за слабите резултати на учениците треба да се бараат во МОН. Тоа е ресорот кој во изминативе децении никако не успева да го реформира образованието, да направи модерни наставни програми, да ги опреми училиштата, кабинетите, лабораториите, да обезбеди пристоен стандард за наставниците, да се тргне настрана од изборот на директори и од партиски вработувања на наставници…“
„Наместо тоа реформите се прават на брзина, како со воведување на Кембриџ-програмите или сега со реформата започната од страна на поранешната министерка Мила Царовска, која доживеа бројни критики и неприфаќања, но сепак почна да се спроведува. Министерството за образование и наука никако да ги среди учебниците, кои се полни со пропусти и грешки, никако да најде концепт по кој треба да се работи со талентирани ученици за што најголем апсурд беше основецот кој победил на математички натпревар во категорија на средношколци не можел да добие награда оти не бил средношколец!?“
„Да не зборуваме за тоа како најдобрите ученици и нивните професори-ментори секоја година мака мачат да обезбедат средства за патување на олимпијади по различни предмети а од кои често се враќаат со медали… Крајно време е за таков штрајк, со кој би запреле овие аномалии во Министерството за образование и наука. Тој штрајк може да го предводи токму министерот Јетон Шаќири.“ – заклучува „Скопско ехо“ во својот коментар.





