Невешт обид за прикривање свирепо убиство на странски ракометар пред дискотека без лиценца за работа и пред „публика“ што не мрда со прст за да му помогне. Убиецот недостапен за органите на прогонот, како тој на Мартин Нешкоски и двајцата од масакрот кај Смилковско Езеро.
Втор генерален секретар на Владата едноподруго фатен во финансиски криминал.
Три години затвор за возач што усмрти пешак на пешачки премин, наспроти четирите за дедото што повлече за коса поранешна пратеничка, министерка, лидерка на партија.
Уште девет години затвор за шоумен, а ослободителна пресуда за негова најблиска соработничка од владина организација што рекетирала бизнисмени.
„Успешен“ попис со 132 илјади непопишани (Македонци) во земјата, а со попишана (албанска) дијаспора.
Штрајк на просветните работници, кои да ти барале преку леб погача, а и сега не било вистинско време, додека се вработува и шуто, и рогато во јавната администрација, корупција колку сакаш, а само Тетово е во долгови од 24 милиони евра.
Абер нема за некаква завршница околу пожарот во тетовската модуларна болница и за „Беса транс“, а камоли некој да одговара.
Питачење кај „диктаторот“ од север, прво за вакцини, па за пченица, за масло за јадење…
И на сето ова Али Ахмети ќе ти каже дека тие што се иселуваат од државава не биле патриоти?! И тоа при жив и здрав „Кај си љубави“, за кој ги дадоа решавачките гласови за да биде избран за шеф на државата, а кој самиот порача дека би се иселил ако не е претседател.
Значи, сè е исто, само него го нема. Таткото на мртвороденчето „Северна“, плод на силуваната волја на народот на референдум, сега е зафатен со подучување на тазе полнолетниот син како од струја да го направи своето прво милионче. Оставајќи го немуштиот наследник да глуми „премиер на првиот вицепремиер“ додека ДУИ-нг бизнис ударнички го доразградува она што остана од Република Македонија пред соучесниците од се-де-се-то.
Не (само) „сусвото“, ами цела „Северна“ ја отворија како пупка. Со неспособноста, аздисаноста, лепливите прсти, страховладата, толку го обесмислија битисувањето на ова парче земја што на следниот попис може да не бидат изброени ни 1,5 милиони „преживеани“ во жална Македонија.
Затоа, мотото „зошто да чекаме“ од кампањата за (криминалната) приватизација спроведена од претходниците на истите овие што сега си мислат дека се власт, а во суштина се само уценети подизведувачи на платформистите од Мала Речица, мора да им биде водилка на тие што имаат намера да ги сменат. И од македонскиот опозициски блок, и од тој на Албанците од Македонија.
При индикативно (не)расположение на граѓаните и на локалните избори есеноска, и на последните анкети, ако сега со здружени сили не издејствуваат предвремени парламентарни избори во најкус можен рок, по редовните за две години прашање е дали ќе имаат со што воопшто да владеат. Оти, како што тераат овие, камен на камен нема да остане.





