Арсовски: „ЕУ и САД не сфаќаат дека Бугарија ги загрозува македонскиот идентитет, јазик и историја“

„И покрај притисоците, Бугарија продолжува со хегемонистичко однесување, кое е покажување моќ на една поголема и помоќна земја над помала соседна земја, прекршувајќи ги сите меѓународни норми, со тоа што го негира и го оспорува правото на секој народ да се самоидентификува преку својот јазик и историја.’ – оваа порака на Едвард Џозеф, предавач на универзитетот ‘Џон Хопкинс’ во Вашингтон, поранешен шеф на Меѓународната кризна група, кој се смета и за еден од креаторите на политиките на САД, е само уште една во низата осуди на адреса на Бугарија и барање поцврста реакција на ЕУ и САД за отстранување на бугарското вето кон Македонија.“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Крај на противправното бугарско вето“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Таневски пишува: „Бугарија нема намера да го крене ветото за почеток на пристапните преговори на Македонија без да бидат исполнети нејзините условувања и уцени содржани и во декларацијата усвоена во тамошното Народно собрание. Едвард Џозеф, предавач и виш соработник во Школата за напредни и меѓународни студии при универзитетот ‘Џон Хопкинс’ во Вашингтон, смета дека Бугарија се обидува да наметне своја верзија на историјата и на идентитетот на Македонија. Импулсот за поткопување на македонскиот идентитет и историја е поттикнат од самата Бугарија.’ – вели Џозеф, лоцирајќи ја вината за блокадата исклучиво на бугарска страна.“

„Според него, станува збор за деструктивно вето наметното од страна на Софија, за што САД и Европската Унија треба да имаат многу посериозен пристап, особено сега, во момент кога во Украина беснее војна. ‘САД и ЕУ треба да станат посериозни во однос на тоа што се дозволува постоење такво неправедно и деструктивно вето. Бугарија го негира напредувањето во ЕУ, како на с.Македонија, така и на Албанија.’ – изјави Џозеф.“

„Има некои позитивни придвижувања и кај ЕУ и кај САД дека проблемот со бугарското вето треба да се реши час поскоро, бидејќи и Брисел и Вашингтон се свесни дека мора да бидат внимателни со регионот. Оти секогаш е можен тој домино-ефект кога станува збор за прелевање на нестабилноста. Таа војна не е многу далеку.’ – вели Љупчо Арсовски, дипломат од кариера и прв македонски амбасадор во Грција.“

„За него не е спорно дека и ЕУ и САД вршат некаков притисок врз Бугарија да го отстрани деструктивното вето, но тие проблемот не го чувствуваат емотивно како нас и затоа дозволуваат тој долго да опстојува. ‘И ЕУ и САД вршат притисок врз Софија, но одговорот што го добиваат од таму е дека тие се суверена држава, имаат државна позиција во својот парламент и дека преговараат со македонската страна за наоѓање решение. Тоа на Брисел и Вашингтон им е доволно, тие едноставно не го сфаќаат моментот дека се загрозуваат идентитетот, јазикот и историјата на еден народ.’ – нагласува Арсовски, дополнувајќи дека во ваква ситуација македонските власти не треба да брзаат по секоја цена за почеток на пристапните преговори со ЕУ.“

Интернет-врска до целата анализа:



https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/kraj-na-protivpravnoto-bugarsko-veto/