Колемишевски: „Уплашен од пад на Владата, Петков вели дека за ЕУ-ветото за Македонија треба да решат заедно позицијата и опозицијата“

„Соочен со меѓупартиски закани, претседателот на Владата на Бугарија Петков ги разби илузиите дека сам ќе го реши спорот меѓу Бугарија и Македонија. Најверојатно уплашен од предупредувањата дека може да му се случи политички пуч и да падне Владата, Петков јасно кажа дека секое решение во врска со Македонија мора да биде со целосна согласност на партиите од владината коалиција и од опозицијата и оти ништо не може да реши сам.“ – вели Панде Колемишевски во својата колумна со наслов „Фотелјата му е помила од вистината“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Петков е соочен со политички пуч, ако го решава принципиелно македонското прашање“

Колемишевски: „На бугарската политичка сцена се појавија сериозни сигнали, што укажуваат дека се залудни надежите на македонските власти оти може да се дојде до некакво решение за отстранување на ветото за почеток на преговори со Европската Унија до крајот на јуни. Очигледно, нешто крупно се случува во меѓувреме во бугарските високи политички кругови, штом се појавија сериозни знаци на неусогласеност по прашањето за ветото кон Македонија.“

„Во односите Радев – Петков се бележат првите пукнатини: Петков има меѓународна поддршка, а Радев бугарска. Претседателот Румен Радев ја засили позицијата на ставот дека бугарската влада мора строго да се придржува кон декларацијата на Народното собрание и волјата на Бугарите за решавање на отворените прашања пред почетокот на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Во таа декларација не се признава посебноста на македонскиот народ, ниту автентичноста на неговиот јазик, писмо, историја и култура.“

„Новото кај претседателот е предупредувањето упатено на адреса на премиерот да не дозволува неговите советници за надворешна политика ‘Бугарите во Македонија во никој случај да не ги именуваат како малцинство’. Тоа би значело дека Бугарите во Македонија се автохтон народ и како таков треба да бидат запишани во македонскиот Устав.“

„Одбраната и повлекувањето на Петков“

Претседателот на Владата Петков од собраниската говорница соопшти дека нема да биде донесена никаква конкретна одлука без одобрение на Народното собрание и без целосна поддршка на сите што ќе гласаат за неа. ‘Имаме јасно потпишан договор за коалицијата, кој строго го почитуваме. Правиме сите наши постапки да бидат во согласност со него. Како премиер немам право на никаков начин, ниту ќе се обидам, да направам некакви договори. Имаме рамковна позиција, декларација, тоа се бугарските позиции.’ – рече Петков.“

„Во вакви политички услови во Бугарија останува заробена можноста таа да ја оттргне забраната за почеток на преговори на Македонија со Европската Унија. Петков потклекна пред домашните притисоци и закани.’ – констатира Колемишевски во својата колумна, покрај другото.

Интернет-врска до целата колумна:



https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/foteljata-mu-e-pomila-od-vistinata/