Курти за обединувањето со Албанија: Косовскиот устав не дозволува обединување со други држави

„Албин Курти, премиерот на Косово и и лидер на владејачката косовска партија ‘Самоопределување’, во интервју дадено за ‘Еуроњуз’ на поставеното прашање дали неговиот стремеж е обединување со Албанија одговори дека тој сака поблиски врски со Албанија, но не на штета на малцинствата.“ – пренесе информативниот портал на албански јазик „Инфошќип“.

„Инфошќип“ го цитира овој одговор на Албин Курти: „Јас не сум само премиер на Албанците во Косово, туку сум премиер на сите. Нашиот косовски Устав не дозволува обединување со други земји и тешко е тој да се менува. Косово и Албанија се еден народ во две држави, но не треба да заборавиме дека границата меѓу нас е воспоставена од Србија и Југославија. Кога Србија го напаѓа Косово, ние реагираме како еден народ. А во Косово нема инциденти меѓу Србите и Албанците.“ – рече косовскиот премиер Албин Курти.“



Но, на 16 февруари 2021 година во интервју, дадено исто така за „Еуроњуз“, како што пренесе тогаш косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“, Албин Курти имаше дадено целосно поинаква изјава, велејќи дека тој би гласал ‘за’, ако би се одржал некаков референдум за обединување на Косово со Албанија. „Ние се уште немаме закон за референдуми во Косово, но два референдума меѓу Косово и Албанија би решиле такво нешто.“ – имаше изјавено Курти, запрашан дали и натаму ја поддржува идејата за национално обединување со Албанија.

Инаку, засега останува нејасно зошто Курти час е за обединување на Косово со Албанија, час не е за такво обединување, дали можеби станува повеќе збор за менување на позиционирањата и и за тактички менувања на изјавите, зависно од дадените политички околности.