„Македонскиот воз одамна е ставен на спореден колосек. Борбата против организираниот криминал и корупција и градењето поефикасни институции и демократско општество се сведуваат само на општи зборови и фрази во ‘фингирани’ телевизиски расправи, додека во реалноста не се случуваат никакви суштински промени.“ – вели Митко Јованов во својот коментар со наслов „Оставете веќе колку сме, туку какви сме!“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.
Јовановски пишува: „Гледањето на проблемите во државата низ ‘партиските очила’ е главен кочничар на промените во нашето општество. Наместо да се даваат конструктивни предлози и да се наоѓаат компромиси за решенија, што ќе водат кон подобар животен стандард на населението, партиите продолжуваат да дејствуваат длабоко вкопани во своите ровови, од кои со сите средства се атакува за остварување на своите тесни партиски интереси. Пописот, кој требаше да претставува основа за градење нови државни стратегии за економски развој, се користи за меѓуетнички расправи за ново уставно третирање ‘на јазикот на кој говори само една третина од населението во Македонија’.“
„За албанските опозициски партии уставните измени се прашање на време за кое партиите ќе седнат и ќе се договорат! Ова од досегашното искуство значи дека во наредниот период ќе бидеме сведоци на нови блокади на работата на македонскиот парламент и трошење на политичката енергија на нешто што во основа значи само задоволување на нечии лидерски суети од албанскиот политички блок.“
„Промените во светот се неизбежни. Треба и Македонија треба навремено да се приклучи во тој процес. Но наместо тоа, како што забележуваат некои македонски аналитичари, во нашата земја се забележливи обратни тенденции, во смисла на владеење целосна апатичност кај граѓаните и, особено, кај надлежните што се задолжени за водење на институциите. Целосното закочување на процесот на проширување кон Европската Унија предизвика разочарување и кај најголемите оптимисти за побрзо придвижување на Македонија кон европските вредности.“
„Во услови на длабока политичка поларизација, во земја во која има поделена вистина, пред граѓаните стојат две опции: да се задоволат со постојаната состојба, или да заминат во странство, за да можат да почнат нов живот. За тоа колку сме помалку како население во моментот ни покажа пописот.“ – нагласува Митко Јовановски во својот коментар.
Интернет-врска до целиот коментар:
https://www.novamakedonija.com.mk/pecateno-izdanie/ostavete-vekje-kolku-sme-tuku-kakvi-sme/





