Филипов: „ЕУ ќе ја загуби довербата кај Македонците, ако ја одвои Албанија од Македонија во преговорите“

Завршени се ‘трпеливоста и солидарноста на Албанија спрема Македонија’ за заеднички почеток на преговорите со ЕУ. Албанскиот премиер Еди Рама јавно најави дека Албанија ќе побара од Европската Унија да го продолжи процесот на пристапување во Унијата одвоено од Македонија, која сè уште се соочува со бугарско вето. Рама кажа дека не е оптимист, оти Бугарија наскоро ќе го тргне ветото што го стави на почетокот на официјалните преговори за пристапување на земјава кон ЕУ во 2020 година.“ – истакнува Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Старт за Албанија, пит-стоп (пауза) за Македонија?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



„Што би значело одвојувањето на преговарачкиот пакет: одделен настап на Албанија и Македонија за ЕУ?“

Павловска пишува: „Ваквиот развој на настаните во однос на заедничкото пристапување во ЕУ на Македонија и Албанија воопшто не е неочекуван. Но, сепак, не оди во прилог на коректноста и добрососедските политики меѓу двете земји. Нетрпеливоста на Албанија за самостојно почнување на преговорите, без оглед дали ќе ѝ биде удоволено на барањето од страна на ЕУ, во голема мера е дискутабилно дали е коректна, особено што Македонија во неколку наврати не добиваше одлука за почеток на преговорите токму поради оцените на некои земји-членки за нејзината неподготвеност да го почне преговарачкиот процес.“

„Албанија веќе не може да чека двата соседи да го решат спорот.’ – рече албанскиот премиер Еди Рама, додавајќи дека Албанија има добри односи со двете земји. Индикативно е што Рама најавата за барањето до ЕУ за издвојување на неговата земја од пристапниот пакет со Македонија ја даде при претставувањето на резултатите од националната анкета со повеќе од половина милион испитаници, која покажа дека 67 отсто од граѓаните на Албанија сакаат патот на членството на двете земји да се одвои, но еден ден по официјалната посета на албанскиот претседател Илир Мета на Софија.“

„Бугарија уште на претходниот, декемвриски самит на ЕУ имаше предлог за Албанија да биде издвоена од преговарачкиот пакет со Македонија, но тој не беше прифатен од претставниците на другите земји-членки. Што би значело за Македонија издвојувањето на Албанија од пристапниот пакет за ЕУ, ако се прифати барањето на Еди Рама? Колку е реално да се очекува позитивен одговор од ЕУ на барањето на Еди Рама?“

„Рама влече (за внатрешни услови) добар политички потег, почитувајќи ја волјата на албанските граѓани изразена на анкета спроведена на огромен број испитаници. Сепак, ако се удоволи на ова барање, тоа не би било добро за напредокот на Македонија, ниту за стабилноста на земјата и регионот на Западниот Балкан. ЕУ би го изгубила и онака слабиот кредибилитет кај Македонците, но не само кај нив, туку и во другите земји на Балканот. Колку и да изгледа правилно и оправдано барањето за одвојување на двете земји не би било добро решение за стабилноста на Југоисточна Европа.’ – оценува македонскиот амбасадор Ѓорѓи Филипов.“

Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/start-za-albanija-pitstop-za-makedonija/