Ставот на Бугарија за европската интеграција за Македонија се заснова на принципи и резултати, а не на рокови. Секое отстапување на власта од бугарскиот национален интерес ќе предизвика колапс, изјави бугарскиот претседател Румен Радев.
По „оптимизмот“ откако дојде на власт, премиерот Кирил Петков „попушти“ и пред два дена рече дека нема датум „да“ за Македонија, откако од партиите ИТН и БСП го повикаа да не носи никакви одлуки без консултација со коалиционите партнери.
„Не е одреден рок од Европа за Бугарија, во кој нашата земја мора да го укине ветото за почеток на преговорите меѓу С.Македонија и Европската Унија.
Дополнително, Европската унија е подготвена да го направи гаранцијата за правата на малцинствата, а особено на бугарското, експлицитен услов на европскиот пат на нашиот југозападен сосед“, рече Петков.
Веројатно мислејќи на ова второто, претседателот Радев ги повика „советниците за надворешна политика на премиерот да не ги квалификуваат македонските Бугари како малцинство.
Ова може да го крене во воздух целиот процес. Тоа не е во согласност со историјата“, рече Радев.






