Макрон го нарече полскиот премиер Моравјецки „крајно десничарски антисемит“!

Кавгата меѓу Емануел Макрон и Матеуш Моравјецки за Украина кулминира со описот од францускиот претседател за полскиот премиер како „крајно десничарски антисемит, кој ги забранува ЛГБТ-луѓето“!



Макрон ова го изјави во денешното интервју за францускиот лист „Ле Паризиен“, со што го продлабочи јазот меѓу двајцата европски лидери.

Моравјецки, кој постојано бара уште поостри санкции против Русија, пред неколку дена ја доведе во прашање „лојалноста“ на Макрон кон западниот одговор на руската воена интервенција во Украина, забележувајќи му за редовните телефонски разговори со неговиот руски колега Владимир Путин.

„Господине претседател Макрон, колку пати преговаравте со Путин и што постигнавте? Спречивте ли барем некоја од преземените акции? Никој не треба да преговара со криминалци… Никој не преговараше со Хитлер. Би преговарале ли со Хитлер, Сталин, Пол Пот?“, праша Моравјецки на прес-конференција во понеделникот.

Но, Макрон, кого в недела го очекува првиот круг од претседателските избори во Франција, за Француската телевизија во средата ги бранеше своите разговори со Путин.

„Преземам целосна одговорност за разговорите со претседателот на Русија во името на Франција за да се избегне војната и да се изгради нова архитектура на мирот во Европа“, порача тој.