Соединетите Американски Држави одобрија за Украина илјадници ракетни системи Стингер и Џевлин, стотици беспилотни летала камикази Switchblade за заштита во војната против Руската Федерација, објави УНИАН, повикувајќи се на соопштение на американското Министерство за одбрана.
Соопштението доаѓа откако САД одобрија уште 100 милиони долари за поддршка на Украина.
Пентагон објави список на оружја што веќе пристигна во Украина, како и на оние што ќе бидат доставени.
Според Си-Ен-Ен, со тоа вкупната американска помош за Украина од почетокот на руската инвазија изнесува околу 1,7 милијарди долари. Ова вклучува 300 милиони долари одобрени во рамките на Иницијативата за безбедносна помош на Украина, со која ќе се купи ново оружје од подизведувачи за испорака во Украина.
На 7 април, Сенатот на САД едногласно го усвои нацрт-законот за заживување на програмата од Втората светска војна што ќе му овозможи на претседателот Џо Бајден да испраќа оружје и друга одбранбена помош за Украина по поедноставена процедура.







