„Досега во меѓународната политика Бугарија по сите линии имаше поддршка од Европската Унија. Но, тоа не беше случај и со САД, кои многу пообјективно гледаа на низа прашања од меѓународен карактер, вклучувајќи го и тоа за Македонија. Сега Бугарија со набавката на американски авиони направи политички исчекор, за да ја придобие наклонетоста на официјален Вашингтон. Таа наклонетост Софија ќе ја плати речиси две милијарди долари, колку што чинат авионите „Ф-16“ заедно со муницијата. Дали Бугарија итро ја купува поддршката од најголемата светска сила за да затвори некои регионални прашања?“ – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Ја купува ли Софија поддршката од Вашингтон?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Таневски пишува: „Бугарија е решена да го затвори македонското прашање единствено на начин како што неа ѝ одговара, па затоа повеќе не избира какви средства ќе употреби за да ја оствари својата крајна цел: бришење на македонскиот идентитет, јазик и историја.
Досега поддршката за оваа своја намера Бугарија несебично ја добиваше и ја добива од Европската Унија. Но, истовремено наиде на сериозно спротивставување од официјален Вашингтон, кој во повеќе наврати имаше сериозни забелешки за однесувањето на Софија кон Скопје, повикувајќи ги бугарските власти да престанат да ја блокираат Македонија на нејзиниот евроинтегративен пат. Бугарската страна увиде дека без да ги имаат САД на своја страна тешко ќе ги остварат своите планови за Македонија.“
„Затоа, целосно ја промени стратегијата и почна да игра на картата на купување влијание и наклонетост кај најголемата светска сила преку набавка на нејзино оружје. Американскиот Стејт департмент деновиве го известил Конгресот за својата намера на Бугарија да ѝ продаде осум авиони „Ф-16“ и муниција, по нејзино барање доставено уште пред две години, време што случајно или не се совпаѓа со почетокот на бугарската блокада на Македонија. Бугарија смислено ја купува поддршката од најголемата светска сила, за да затвори некои регионални прашања и да ја заокружи својата хегемонистичка политика во овој дел на Балканот.“
„Тргувањето со интереси и влијанија како начин на функционирање“
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски е категоричен: ‘Оваа зделка со авионите е дел од политиката за купување влијанија. Сè е бизнис и никогаш никој од силните држави нема да застане зад нас, бидејќи нема реално никаков интерес од Македонија, мала корумпирана земја. Во светот интересот ја креира политиката.“
„Според него, кај нас се создава погрешна претстава дека Македонија има некаква симпатија од другите земји и оти утре тие ќе застанат и ќе ги бранат македонските интереси без да имаат некаква корист од тоа. ‘Бугарија отсекогаш ја имала симпатијата на ЕУ и САД и не гледам зошто ние се лажеме дека можеби постои некаква симпатија кон нас. Ние никако не сме им во средиштето на вниманието. Купувањето на американските авиони е дел од политиката на креирање суперодноси меѓу Софија и Вашингтон. Затоа, проблемот со Бугарија никогаш нема да се реши во наша полза, а претпоставувам дека многу брзо ќе се реши на огромна наша штета.’ – заклучува Пекевски.“
„Во меѓународните односи нема сентименталности, туку само интереси и тргување со тие интереси, кои чинат многу пари. Македонија е мала и сиромашна земја, која наклонетоста од други земји не може да ја плаќа со милијарди долари и евра, така што нема големи шанси да се справи со притисоците, кои ѝ се наметнуваат однадвор. Единствено оружје што го има е да се држи до стратегиските партнерства и да се обиде преку нив да ги брани своите позиции, колку што може.“ – заклучува Таневски во својата анализа.
Интернет-врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/ja-kupuva-li-sofija-poddrshkata-od-vashington/





