Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја оцени како законска акцијата на македонските безбедносни сили кога принудија стотици бегалци да се вратат во Грција во 2016 година.



Осуммина Сиријци, Авганистанци и Ирачани тврдеа дека биле жртви на нелегално „колективно протерување“ откако биле опколени на само неколку километри во територијата на Македонија и биле принудени да се вратат низ дупките во граничната ограда.

Тие беа дел од групата од 1.500 бегалци кои се приклучија на „Маршот на надежта“ кој премина во Македонија на 14 март 2016 година од пренатрупаниот бегалски камп во Идомени на северната граница на Грција.

Мигрантите рекоа дека биле опколени од војската и им се заканувале со насилство ако не ја напуштат земјата, соопшти Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Новинарите исто така беа уапсени и им се закануваа дека ќе им ги одземат камерите доколку продолжат да снимаат настани во Македонија.

Војниците формираа две линии што водеа до границата и ги принудија бегалците да трчаат меѓу нив до оградата додека тие ги тепаа со стапови, а потоа беа принудени да ползат под граничната ограда или да се искачат низ дупки, му беше кажано на Судот од тужителите.

Но, комисија од седум судии одлучи дека Македонија не ја прекршила забраната за „колективно протерување“ на мигрантите. Беше отфрлено и тврдењето на осумтемина дека не им била дадена можност законски да се разгледа депортацијата.

Во пресудата се вели дека мигрантите „се ставиле во незаконска ситуација со намерен обид да влезат во Македонија преку преминување на границата… како дел од две големи групи и на неовластена локација“.

„Тие избраа да не ги користат правните процедури кои постоеја за да влезат на територијата на тужената држава легално“, се вели во извештајот.

Осумтемина, кои вклучуваат четиричлено семејство од Алепо, Сирија, и човек во инвалидска количка, сега размислуваат за жалби, најавија нивните правни советници.