Ракометарите на Вардар достоинствено се простија од Лигата на шампионите за оваа сезона, ремизирајќи 31:31 кај Веспрем во возвратниот натпревар, откако пред шест дена во Скопје загубија со 30:22.
Унгарскиот првак водеше на полувреме со убедливи 18:13, по 40 минути игра имаше и максимални 24:18, но завршницата му припадна на двократниот европски шампион, кој на нецели три минути до крајот израмни на 29:29.
Второто реми во 15. меѓусебен дуел во ЛШ го завери Куњи Моралес 13 секунди пред последниот свиреж на судиите.
Токму Моралес со 6 гола од 8 обиди беше прв стрелец кај гостите од Македонија, пред Кевин Њокас со 5/7, Жереми Тото заврши со 4/5, а Филип Талески со 4/8.
Тимур Дибиров во својот последен настап за Вардар во ЛШ постигна еден погодок и деветтата сезона во елитното натпреврување во црвено-црниот дрес ја заокружи со вкупно 75 гола.
Васил Гогов брилјираше на вардаровиот гол со 8 одбрани од 14 удари за 57 отсто успешни интервенции!






