Писмена опомена доби министерот за правда Никола Тупанчески за непочитување на член 12 и член 17 од Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носители на јавни функции именувани од страна на Владата“, дознава Фокус.
Опомената била од заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, одговорија од Кабинетот на министерката на прашање на „Фокус“.
„Како лице задолжено од Владата за следење на спроведување на Кодексот, а врз основа на информациите и податоците што министерот Тупанчески ги достави, заменик-претседателката Грковска констатира дека не е постапено согласно одредбите пропишани во Кодексот, при што меѓудругото, укажува дека согласно член 9 од Кодексот, носителите на извршни функции одговараат неселективно, навремено и аргументирано на прашања и коментари на јавноста за сите аспекти од своето работење и работењето на својата институција, велат од Кабинетот.
Министерот Тупанчески прво тврдеше дека сами си ги платил билетот и авионската карта за патувањето на натпреварот Италија-Македонија, а потоа призна дека сепак платил само за хотелското сместување, а авионската карта со чартерот на ФФМ и билетот за натпреварот ги добил гратис.







