В четврток и петок вработените во министерства, агенции, фондови, управи и судови нема да работат од 10 до 12 часот, бидејќи не им е исплатена минимална плата од 18 илјади денари. На мал број вработени пак, кои добиле минималец, не им бил платен стажот, велат од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани.
Со прекин на работа од 2 часа, во знак на револт бараат итна исплата на минимална плата и линеарно зголемување на платите на сите вработени за 2.806 денари. Според претседателот Деаноски, несфатливо е што Владата не ги почитува законите кои самата ги носи.
Деаноски додава дека повторно вработените во управата и правосудството останале единствени во државата со плата под минималната, што дополнително го зголемува незадоволството. Додава доколку Владата не ги земе предвид нивните барања, најавениот прекин на работа од 2 часа, може да се зголеми на 8. Во однос на барањата и поплаките на Синдикатот, став побаравме и од Владата, но до ова информативно издание не добивме повратен одговор.
Извор: ТВ21






