Утре, на Денот на здравството, приватните матични лекари и медицинските сестри, ќе протестираат пред Министерството за здравство.
„Триесет години добиваме капитација со доцнење од по два и три месеци. Сега сме април, а уште нема капитација за јануари. Капитацискиот бод и без тоа е незадоволителен од аспект на пациент.
Околу 600 колеги живеат на раб на егзистенција, затоа што пациентите се поврзани со печатот на лекарот, па кога тој ќе замине во пензија или ќе си даде отказ, тогаш тие пациенти „висат во воздух” и ординацијата губи многу пари што во прашање ја доведува нашата егзистенција.
Бараме пациентите да се водат на печатот на амбулантата па така ако дојде друг лекар, автоматски пациентите да бидат негови, освен ако самите поинаку не решат, вели доктор Бојан Трајковски, од ПЗУ Медика Вера за Слободен печат.
Претседателката на Здружението на приватни матични лекари доктор Лилија Чолакова Дервишова за Слободен печат вели дека иако се смениле повеќе министри во изминатите децении, само законот за лекарите не може да се смени или донесе.
„Ако и овој пат не игнорираат, имам барање од членството да направиме штрајкувачки одбор и да не работиме секој ден.
Утре ние ќе излеземе на мирен протест пред Министерството, а обемната администрација која што ги советува министрите да не носат одлуки во полза на примарното здравство и на матичните лекари нека работи и прегледува пациенти“, Чолакова Дервишова.







