Александар Трајковски, стрелец на голот против Италија во Палермо за историски триумф на Македонија од 1:0 над европскиот шампион во полуфиналето од баражот за Светското првенство во Катар, ќе игра во финалето на Купот на кралот на Саудиска Арабија.
Ал Фејха, која Трајковски ја засили на крајот од јануари, славеше со 1:0 против идниот првак Ал Итихад, а 29-годишното лево крило ги одигра последните пет минути.
Ал Хилал ќе му биде противник во финалето на тимот на вториот стрелец во историјата на фудбалската репрезентација на Македонија со 20 гола, кој во четвртфиналето го отвори резултатот во победата од 2:1 над Ал Батин по продолженијата.






