Ковачевски: Службите проверуваат кој работел против договор со Бугарија

Безбедносните служби ги испитуваат наводите за лица кои работеле против постигнување евентуален договор со Бугарија. Вчера шефот на дипломатијата Османи кажа дека дел од овие лица биле вработени во домашните институции и стапиле во контакт со бугарски официјални претставници, убедувајќи ги дека нема потреба да се вложуваат напори за прогрес во дијалогот.



„Имавме информација од првиот ден кога тоа се случи, меѓутоа тоа беше предадено на службите за безбедност, коишто се занимаваат со таа проблематика. Детали не можам да ви откривам, бидејќи се работи за класифицирани информации. Таа информација ја имаа и во соседна Република Бугарија“, рече премиерот Димитар Ковачевски.

Ковачевски не одговори дали споменатите се оддалечени од работните места.

Инаку, неговиот колега Кирил Петков пак, рече дека тројца бугарски службеници работеле на влошување на добрососедските односи со Македонија. Еден од нив бил вработен во Министерство, а другите двајца биле агенти во Државната агенција за национална сигурност. Тие добиле отказ и против нив е покрената истрага за врски со руските служби.

„Јас немам причина да не му верувам на премиерот на Бугарија, бидејќи тој тоа многу транспарентно го соопшти во обем во којшто може да се соопшти, со оглед на тоа што се работи за класифицирани информации и истраги“, рече Ковачевски.

И Ковачевски и Петков изминатиов период напоменаа дека постојат групи и поединци кои сакаат Скопје и Софија да не постигнат договор, со крајна цел да не се прошири Европската унија со земјите од Западен Балкан.