Алијанса за Албанците бара од ЕУ: Одбијте ја акредитацијата на Теута Арифи како амбасадор!

„Алијансата за Албанците побара Европската унија да одбие да ја акредитира Теута Арифи за амбасадор. ‘Наша должност е, како граѓани на оваа земја и како опозиција, да побараме од ЕУ да ја одбие акредитацијата на Теута Арифи. Нејзината акредитација би била многу штетен сигнал за правдата, бидејќи стекнувањето дипломатски имунитет од страна на Арифи би значело прекинување на нејзините кривични предмети.’ – изјави Арбен Фетаи, раководител на Одделот за евроинтеграција на Алијансата за Албанците.“ – информираше весникот на албански јазик „Лајм“.

„Лајм“ ја пренесува целата реакција на Алијансата на Албанците: „Денеска на Делегацијата на Европската Унија и ја изразивме нашата огорченост по информациите дека Владата ја предложила Теута Арифи за амбасадор на Македонија во Европската унија во Брисел. Оваа одлука за нејзиното предложување како амбасадор доаѓа по скандалозните назначувања на министерот за надворешни работи Османи, кој ја претвори дипломатијата на Македонијата во рај за пропаднати и корумпирани политичари.“

„Бујар Османи неодамна го испрати поранешниот министер за полиција, просрпскиот, албанофобичен и корумпиран Љубомир Фрчковски за амбасадор во Обединетите Нации, откако САД го одбија да биде амбасадор во Вашингтон. Пропаднатиот политичар Вејсел Мехмеди беше испратен за амбасадор во Италија по услугите што и ги направи на ДУИ, со тоа што му го украде мандатот на пратеникот од Алијансата за Албанците и му го предаде на Али Ахмети. Покрај Теута Арифи, Владата одлучи и да го испрати за амбасадор во Франција поранешниот југословенски функционер на Управата за државна безбедност-УДБ и поранешен разузнавач Виктор Димовски. За него во интерен документ на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје, објавен на Викиликс, се вели дека Белград го чува во својот џеб и дека треба внимателно да се следи од страна на САД.“

„Но, да се вратиме на Теута Арифи и на фактот зошто ова назначување претставува сериозна навреда за граѓаните на земјата, како и за самата ЕУ. Владеењето на правото и борбата против корупцијата се основниот принцип и приоритет број еден на европската политика за Западен Балкан, согласно со европската стратегија за проширување и новата методологија за проширување. Значи, без значителен напредок на полето на владеењето на правото, ниту преговорите за членство во ЕУ можат да се отворат ниту да се затвори какво било преговарачко поглавје со ЕУ.



„Арифи е предложена за амбасадор, со што ја навредува ЕУ и дополнително ја загрозува европската иднина на земјата. Таа беше казнета од тетовци на последните локални избори за уништувањето што му го направи на Тетово како градоначалник со корумпираната власт во два мандата. Против Теута Арифи се поднесени две кривични пријави за корупциски дела.“

Теута Арифи ја договори приватизацијата на 71 илјади квадратни метри површина од некогашниот Шумско-индустриски комбинат ‘Јелак’ во центарот на Тетово, за да му овозможи на прорускиот олигарх и поранешен министер на Радован Караџиќ, Дака Давидовиќ да заработи 200 милиони евра во операција за недвижнини. Арифи призна дека потпишала повеќе од 800 фиктивни договори за наградување партиски активисти и политички поддржувачи со пари на даночните обврзници. Ја остави Општина Тетово со долг од повеќе од 24 милиони евра, додека годишниот буџет на општината е 26 милиони. Како поранешен градоначалник на Тетово таа мора да понесе одговорност и за трагедијата во ковид-болницата каде во септември 2021 година животот го загубија 14 пациенти.“

„Веруваме дека и евроамбасадорот Дејвид Гир е свесен за овие работи и оти ја споделува нашата огорченост. Но, како граѓани на Македонија и како опозиција, наша должност е да побараме од ЕУ да ја одбие акредитацијата на Теута Арифи. Нејзината акредитација би била многу штетен сигнал за правдата, бидејќи стекнувањето дипломатски имунитет на Арифи би значело прекин на кривичните постапки покренати против неа. Ова не смее да се случи! ЕУ никогаш не смее да се користи како штит од страна на корумпираните. Затоа ја повикуваме ЕУ да ја одбие акредитацијата на Теута Арифи. Такво нешто е можно, како што докажаа САД во случајот со Фрчковски. Сега на ред е ЕУ да докаже дека нема место за корумпираните во Брисел.“