Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја посочи „радикалната левица на власт во САД во моментов“ како најголема закана за државата, а не Русија, Кина, Иран или други земји.



„Живееме во најопасниот период од нашите животи. И имаме претседател кој нема поим што се случува. Нема поим што прави. Нема поим што кажува и каде се наоѓа. Настрана од тоа, тој врши фантастична работа“, рече Трамп низ смеа пред масовно посетениот митинг на републиканците во Вашингтон Тауншип, Мичиген.

„Наспроти сè што слушате и гледате за Кина, Русија, Иран и другите, нашата најголема опасност не е однадвор, нашата најголема опасност е од болните и радикални политичари кои свесно или несвесно сакаат да ја уништат нашата земја. Сè што ќе допре радикалната левица се претвора во катастрофален хаос“, нагласи 45. претседател на САД.

Трамп ги обвини сегашниот шеф на американската држава Џо Бајден и демократите во Конгресот дека водат „војна против американската енергија“ и создаваат ситуација во која средната класа „се уништува со највисоките цени на гасот и на храната во историјата на нашата земја“.

Според 75-годишниот експретседател, инфлацијата ќе го чини просечното американско семејство околу 5.200 долари годинава.

„Слабоста на Бајден ни ја донесе катастрофата во Украина“, заклучи Трамп, мислејќи на руската воена интервенција во соседната држава, по што ги повика илјадниците присутни со транспаренти „Спаси ја Америка“ да гласаат за републиканците на делумните избори за Конгресот во ноември.