„Македонското’ население учествува со 40,3 отсто. Албанското население достигнува реална бројка од 45,5 проценти и таа е многу блиска до меѓународните податоци, презентирани во јавноста во Македонија и пошироко во 2013 година, дека Албанците сочинуваат 47% од вкупното население. Албанците сега мора да бараат нов попис, со директна помош на Западот. Со ова засекогаш би се сменила антиалбанската политика и Албанците ќе бидат господари на себе, без да му се потчинуваат на ниеден тирански режим со фашистичка руско-српско-славомакедонска идеологија!!!“ – вели Идриз Морина, главниот уредник на весникот „Бота сот“, еден од водечките медиуми во Косово, во статијата со наслов „Словено-руската идеологија во Македонија треба да се задуши – Албанците се мнозинство, повеќе од 45 отсто“. Овој весник има релативно големо влијание врз формирањето на јавното мислење кај Албанците не само во Косово и во Македонија, туку кај сиот албански етникум на Балканот, па оттука произлегува сериозноста на наведеното во оваа статија.
Морина говори со понижување за македонскиот народ: ја става придавката македонски во наводници и ги нарекува „Славомакедонци“, изнесувајќи бесмислици, но кои се и тешки навреди и негирање на постоењето на македонската нација: „Славомакедонците имаат албанско и делумно бугарско потекло – како ентитет основан во комунистичка Југославија“.
„Едни бројки во реалниот живот, а други за службена и политичка употреба“
Главниот и одговорен уредник на „Бота сот“ Морина пишува: „Според резултатите на Заводот за статистика на с.Македонија, 58,44% од населението се Македонци (1.073.299) a 24,3 отсто се Албанци (446.245). Пред неколку децении се тврдеше дека бројот на Албанците во Македонија е 700 илјади, на нецелосен попис дури, додека по 20 години се добива помал број: 446.245 жители Албанци-резиденти и близу 173 илјади Албанци во дијаспората, или сите само 619.187 жители.“
„Според податоците што ги имаат Албанците во Македонија, речиси неспорно се потврдува дека во западната дијаспора има од 400-500 илјади Албанци. Најмалку 220 илјади Албанци од дијаспората останале надвор од пописот. Дел од албанскиот народ во Македонија се и најмалку 100 илјади православни Албанци, јазично асимилирани и насилно регистрирани како Македонци.“
„Од оние 132.000 жители, или околу 7 отсто, за кои Заводот за статистика вели дека немаат етничка и јазична дефиниција и кои го бојкотирале процесот, или од други причини не можеле да бидат попишани, 70 отсто од нив се Албанци, или околу 90 илјади се Албанци. Македонците не претставуваат речиси воопшто дел од овој корпус. Бугари во Македонија има најмалку околу 100 илјади, според официјалните реакции на Бугарија, врз основа на бројот на пасоши што ги има дадено на своето малцинство во оваа земја.“
По сите „демографски пресметки“ „плус и минус“, Морина „констатира“: „Ако на сето кажано се додаде и манипулацијата со торбешкото и турското население, тогаш станува јасно дека ‘македонското’ население изнесува 40,3 отсто, а албанското население достигнува реална бројка од 45,5 отсто. Албанците се првото мнозинство во Македонија.“
Во завршниот дел на статијата авторот вели: „Република с.Македонија со овој попис продолжува со создавање виртуелна, непостојна реалност, продолжува и со негирањето на Албанците. Албанците мора целосно да го сменат создавањето на политиката и да го задушат, да го урнат поредокот Белград-Москва-Скопје, руската антиалбанска кујна! Но, пред да го направат тоа, Албанците треба да ги исчистат просрпските и промакедонските политички клики. Иако Македонија стана независна без војна во 1991 година, на Албанците никогаш не им се признаа заслужените права, ниту државотворниот статус, што го имаа за време на комунизмот.“
„Албанците сега мора да бараат нов попис, со директна помош на Западот. Со ова засекогаш би се сменила антиалбанската политика и Албанците ќе бидат господари на себе и да не му се потчинуваат на ниеден тирански режим со фашистичка руско-српско-славомакедонска идеологија!!!“





