Македонија поддржа осуда на Русија за мешање во Грузија

Македонија се најде меѓу државите што на заседанието на Постојаниот совет на ОБСЕ дале поддршка за осудата на активностите на Русија во деловите на Грузија надвор од контрола на властите во Тбилиси.



Откако тоа го сториле претставниците на САД и на Европска унија, кон изјавата од името на Унијата се приклучиле и Македонија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, Норвешка, Украина и Молдавија, објави порталот „Грузија онлајн“.

Претставникот на ЕУ ја повикал Руска Федерација да ги спроведе обврските преземени со договорот за прекин на огнот од 12 август 2008 година и ја нагласил потребата за испраќање набљудувачка мисија на ЕУ во Абхазија и во регионот на Цхинвали. Американскиот претставник, пак, ги повикал страните да продолжат со конструктивни преговори за постигнување договор за неупотреба на сила.

По руско-грузиската војна пред девет години, Русија, која интервенираше на страна на сепаратистите, ја призна независноста на Абхазија и на Јужна Осетија, а подоцна тоа го сторија и Венецуела, Никарагва и Науру. За Грузија, двата отцепени региона се „окупирани зони“.