„Оспорувањето и недовербата во пописните резултати кај дел од политичките партии во државата ја наметнуваат и дилемата како овие податоци натаму ќе се применуваат во институциите. Дали тие реално ја одразуваат фактичката состојба, или ќе придонесат за создавање погрешни развојни политики, но и погрешна претстава пред меѓународната јавност? – вели Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Пребројувањето заврши, (не)признавањето започна“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
„Продолжуваат бранувањата околу пописните резултати“
Таневски пишува: „Неколку дена по објавувањето на резултатите од пописот, на површина исплива нов проблем со нивното непризнавање од страна на повеќе политички фактори во земјава, кои искажуваат недовербата во собраните статистички податоци и нивната обработка. Забелешките во најголем дел се однесуваат на бројноста на одделни етнички заедници во земјата, дел се и поради нецелосниот опфат. Посебни реакции предизвика и бројката од 132 илјади граѓани, кои останале непопишани. Резултатите од пописот не ги признаваат, или ги сметаат како нецелосни некои од македонските политички партии, но и некои од партиите на помалите етнички заедници на Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите итн.“
Непризнавањето на пописните резултати ја наметнува дилемата: дали оваа статистичка операција ја постигна целта, или повторно во ветер беа фрлени осум милиони евра народни пари, колку што чинеше пописот, и се доби некомплетна операција? Како овие податоци воопшто ќе се применат потоа во институциите, дали реално ја одразуваат фактичката состојба, или ќе придонесат за создавање погрешни развојни политики?“
„Поранешниот вицепремиер за европски прашања Ивица Боцевски смета дека пописот треба да се доврши: ‘Оваа недоверба може да се надмине исклучиво со завршување на актуелниот попис, преку дополнително попишување на граѓаните, што одбија да се изјаснат, преку нов дигитален попис, но со консензуално учество на сите политички чинители и со формирање анкетна комисија во Собранието. Таа комисија ќе треба да ги утврди сите факти за контроверзиите поврзани со овој попис, вклучувајќи и со моралната, политичката и кривичната одговорност за објавувањето нецелосни бројки, со што се загрозуваат мирот, стабилноста и меѓуетничките односи.“
„Универзитетската професорка Билјана Ванковска смета дека резултатите од пописот не треба да се прифаќаат како релевантни: ‘Пописот беше фарса и не треба да се прифати како релевантна основа за каква било јавна политика. Сепак нема место за драма: оваа држава и онака е провизориум и никој не води јавни политики според некакви рационални критериуми и потреби на граѓаните. Разврската ќе биде геополитичка, а не политичка. Овие што си цртаат има повеќе врска со геополитика отколку со јавни политики.“
„Симовски: Нема причини за сомневања“
Првиот човек на Државниот завод за статистика Апостол Симовски тврди дека податоците од пописот се точни и оти ќе останат онакви какви што се, без оглед дали некој ги признавал или не. ‘Ова се конечни резултати. Во кој закон пишува некоја невладина организација или политичка партија да може да се изјаснува дали признава или не признава попис? Потврда дека пописот е направен според сите стандарди стигна и од Европската комисија. Зарем има подобар аргумент од тоа дека работата е добро завршена? – вели Симовски.“
Интернет-врска до целата анализа:





