Јанкуловски: Предвидувањата за Македонија се дека ќе се распадне по етнички линии

„Неуспешниот ‘општествен експеримент’ на Зоран Заев за ‘Едно општество за сите’ ги раздвои етничките заедници, наместо да ги поврзува, и е закана за дезинтеграција на македонската држава.“ – вели професорот Звонимир Јанкуловски во колумната со наслов „Едно општество за сите, државата за никаде“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Јанкуловски пишува: „И покрај владините прогласи за различност, правичност, сеопфатност, недискриминација и едно општество за сите, во реалноста егзистира длабоко етнички поделено општество, општество на напоредни светови со висок степен на недоверба. Тоа е закана за социјалната кохезија во многу поширока смисла. Постојат настани и општествени концепти, што укажуваат на разградувањето на Македонија како нација држава.“

„Научниците во иднината ќе треба да оценат дали Македонија како национална држава на Македонците навистина некогаш имала шанса да процути, или едноставно намерно била сведена на неуспешен експеримент од нашите надворешни поддржувачи. Од почетокот на нејзината независност се експериментираше со етничките прашања и се нудеа пропаднати решенија, што се тестираа на македонските граѓани. Станавме заморчиња на неуспешни мултиетнички експерименти, кои што нѐ направија неуспешна држава. Со години ‘етничките лаборанти’ се мачеа да го најдат вистинскиот модел, што ќе функционира во македонското етнички поделено општество.“

„Иако секојпат социјалниот експеримент не успеваше да даде веродостојни резултати, етничкиот инженеринг продолжуваше за да го достигне својот врв низ идејата на поранешниот премиер за ‘едно општество за сите’. Вдахновени од духот на времето, Зоран Заев и неговата група ‘шарени чираци’ се впуштија во она што им се чинеше ‘весел’ нов социјален експеримент. Ни подметнаа пропаднат мултиетнички модел на општество, без заедничка социјална рамка, каде што скоро е неможно да се негуваат врските на доверба и заемно почитување, потребни за да се поврзе едно мултиетничко, религиозно различно општество.“

„Македонското општество повеќе беше загрижено за идентитетот на ‘другите’, отколку за идентитетот на македонската нација. Наместо да ги држи заедниците заедно, неуспешниот ‘општествен експеримент“ на Заев ги раздвои, заканувајќи се да ја дезинтегрира државата. Наместо еднаквост, добивме дискриминација, политика на квоти и растечка омраза меѓу заедниците во Македонија. На подолг рок предвидувањата се дека Македонија, веројатно, ќе се распадне по етнички линии со загуба на територија и население.“ – нагласува Звонимир Јанкуловски во својата колумна, покрај другото.

Интернет-врска до целата колумна:



https://www.novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/edno-opshtestvo-za-site-drzhavata-za-nikade/