Претседателот Стево Пендаровски изјави дека не може да ја коментира вчерашната изјава на бугарскиот премиер Кирил Петков дека руски агенти во Бугарија работеле против добрите односи меѓу Скопје и Софија, зашто е заснована на информации на бугарски институции и служби, но вели дека на Петков треба да му се верува, бидејќи станува збор за актуелен премиер. Пендаровски денеска говореше на конференцијата „Вклучување на политичкото образование во образовниот систем” и, меѓу другото, даде оценки за предизвиците поврзани со војната во Украина.
Бугарскиот премиер Кирил Петков вчера изјави дека руски агенти во Бугарија работеле против добрите односи меѓу Скопје и Софија.
„Тоа што го истражуваме на многу места е голема руска дијаспора на агенти во Бугарија. Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) ги истражува. Некои од нив работеле специјално врз добрите односи со Северна Македонија. Рускиот интерес бил фокусиран врз тоа да нема европска иднина за Западен Балкан“, рече Петков за време на посетата на Благоевград.
Во врска пак, со неодамнешното протерување на пет руски дипломати од Македонија, денеска претседателот Стево Пендаровски рече дека според оние информации што ги добил, тие излегле од дипломатскиот статус со кој се имаат пријавено кога дошле во земјава.
„Не можам да влегувам до детали, зашто се тоа разузнавачки информации, но тие работеле надвор од тоа што го пропишува Виенската конвенција”, одговори претседателот Пендаровски.
Инаку, Пендаровски денеска се обрати на отворањето на конференцијата „Вклучување на политичкото образование во образовниот систем”, на која порача дека демократијата не треба да биде привилегија на само една генерација граѓани, туку траен систем на уредување на општеството и политиката за многу генерации во иднина.





