Поранешните македонски разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски, кои завчера беа уапсени во Грција, не сакаат да бидат екстрадирани во Македонија поради страв за својот живот.
Двајцата се пожалиле на политички прогон кај властите на јужниот сосед, кои разгледувањето на нивниот случај го одложија за во вторник, 24 октомври.
Грујевски и Бошкоски беа приведени на аеродромот во Солун поради поседување лажни бугарски пасоши, а во обид да заминат за Будимпешта. Македонија, пак, ги бара за нелегално прислушување и уништување на документацијата од него, дела за кои се товарат во рамките на предметите „Тврдина“ и „Таргет“ на Специјалното јавно обвинителство.
Судот во Солун го одложи рочиштето против двајцата Македонци за фалсификуваните патни исправи на Бугарија поради немање преведувач. Во меѓувреме, се очекува и документацијата од Македонија за нивно израчување врз основа на меѓународната потерница.
Дотогаш двајцата уапсени остануваат во притвор, а нивната судбина ќе се реши во наредните месеци, известуваат грчките медиуми.





