„Штом е намалено населението во Македонија, треба да се намали и администрацијата, пратениците, министрите… “ – вели весникот „Скопско ехо“ во својата редакциска статија.
„Скопско ехо“ пишува: „Драстично намалување на населението и се случило на Македонија во текот на последниве 19 години, покажуваат споредбите на пописите од 2002 и од 2021 година. Пресметката покажува дека во овој период Македонија изгубила дури 185.834 жители. Загрижувачко!“
„Што ќе се преземе после ова? Нели, главната цел за правење на пописот е да се преземаат соодветни понатамошни мерки за добробит на државата и населението?“
„Во земјава сега живеат 1.836.713 граѓани, додека пописот од 2002 година утврдил дека има 2.022.547 жители. Статистичките анализи ќе треба да покажат на што се должи ваквото големи намалување на бројот на македонските граѓани. Односно, дали причината за тоа е големо иселување, намалениот наталитет и зголемениот морталитет…?“
„Дали прва мерка би требало да биде да се намали администрацијата, пратениците, министрите…? Штом веќе се намалило населението, логиката е дека треба да се намалат и тие кои и ‘служат’ на граѓаните на Македонија.“ – заклучува „Скопско ехо“.





